За да спаси свои, Бугарија жртвува туѓи Евреи

Зашто Бугарија разликува свои од  туѓи Евреи?

На тоа прашање му посветува посебно внимание Цветан Тодоров (1939-2017), еден од големите мислители на нашето време, „апостол на хуманизмот“ како што го нарекува денес интелектуална Европа. Во 1999. Тодоров ја објави својата книга „Кревкоста на доброто, спасувањето на бугарските Евреи“ (La fragilité du bien, le sauftage des juifs bulgares. – Paris, „Albin Michel,“ 221 стр.) која помогна многу за влезот на Бугарија во ЕУ (2004), затоа што тој влез подразбира отворање не само многу (долги) поглавја од областа на правото, економијата и финансиите, туку и некои темни страници од својата историја кои, по обичај, секој народ избегнува да ги чита. Пред да поминам на спомнатата книга, неколку најопшти податоци за нејзиниот автор.

Тодоров ја напушти Бугарија во 1963. Појде во Франција да ги усоврши својте знаења од областа на теоријата на литературата и остана таму цел живот. Мошне брзо се вклучи во тогашната елита на модерната, струкутурална критика чиј патријарх беше славниот Ролан Барт. Објави една книга преводи од руските формалисти (тој ја заврши руската елитна гимназија во Софија заедно со Андреј Ликјанов, премиер на бугарската влада по падот на Живков; загина во атентат пред својот дом) и стана почесен доктор на Софискиот унуверзитет дури во 1989. Дотогаш, тој важеше за „родотстъпник и апатрид.“ Во својата книга разговори со К. Портвен тој вели дека многу размислувал дали да ја прифати таа титула. Превага однел аргументот дека нема право да ги изневери оние кои ја покренале таа инцијатива, чин на отпор кон тоталитарниот режим на Живков. Во спомната книга разговори тој вели уште дека не и должи ништо на Бугарија, дека има долг само кон некои конкретни луѓе, дека се труди да го врати тој долг, дека не верува во теоријата „национални корени“, дека неговите „деца се неговите корени, а тие се – Французи.“

Веќе на самиот почеток од својата книга „Кревкоста на доброто…“ Тодоров потсетува дека филозофот Хана Аренд, во нејзината книга „Ајхман во Ерусалим“ била првата која напишала оти, во текот на Втората светска војна, Бугарија не „депортирала ниту еден Евреин“ во хитлеровите логори на смртта; дека за тоа никој не пишувал дотогаш; дека Бугарија и Данска биле единствените две земји кои не подлегнале на искушението да погазат некои елемнтарни морални норми до кои доаѓа, по правило, во екстремни околности, а кои, потоа, влегуваат во срамните страници на историјата на еден народ.

„Како да се објасни тој чудесен гест на доброто?“, се прашува по тие убави зборови на Х. Аренд Тодоров. „Дали се во прашање исклучителни морални и политички квалитети на тој народ?“ Иако, „јас сум сведок“, подвлекува авторот на книгата на која укажувам, Бугарите „немаат високо мислење за себеси?“ Три фактори помагаат подобро да се разбере тој, според Тодоров, „чудесен гест.“ Првиот е: како последица на балканските и на Првата светска војна, Бугарија загубила некои провинции (Добруџа, Тракија и Македонија) во кои „делумно“ живееле Бугари, а кои таа земја „традиционално ги сметала за свои.“ Вториот бил од политичка природа: по државниот удар од 19 мај 1934 во Бугарија биле уништени политичките партии; сета власт била концентрирана во владата под контрола на цар Борис III: „По изборите од декември 1939“ во Парламентот од 160 пратеници опозицијата има 19 мандати (2 од екстремната десница, 6 кому-нисти и 8 демократи). „Тој режим може да се квалификува како авторитарен, но не фашистички“, заклучува Тодоров врз основа на тој сооднос на политичките сили. Третиот фактор е од демографска природа. Во Бугарија имало нешто над 40.000 Евреи од кои половината живееле во Софија.

Тие три фактори играат посебна улога во конкретен политички контекст кој, накусо, Тодоров го опишува вака: во март 1941 Бугарија влегува во орбитата на силите на оската (Германија, Италија и Јапонија).Тој влез му помага на Хитлер „полесно да ги окупира Југославија и Грција.“ По падот на Перл Харбур Хитлер им објавува војна на САД, „а Бугарија го прави истото со Велика Британија и САД […] тогаш ги става под своја контрола Македонија и Тракија, првин војничка, а потоа и административнО; за официјалната пропаганда тоа е само враќање на териториите на некогашните предци. Поточно, прецизира Тодоров, „тие територии не ги анектира [како што прави Хитлер со Австрија],  туку само ги става под свое туторство. Сепак, присутноста на бугарсаката армија на тие територии индиректно и помага на германската армија.“

Пактот на Бугарија со силите на оската и носи и некои конкретни обврски. Една од тие обврски е да ја исчисти земјата од своите Евреи. Во декември 1940 бугарскиот Парламент дебатира за закон кој им одзема некои права на Евреите. Законот го пиушува правникот Александар Белев, водач на профасистичка организација, а за него гласа дури и опозицијата од чии редови е и вториот човек на бугарскиот парламент Димитар Пешев. Тој подоцна пишува петиција против депортацијата на бугарските Евреи. Според Тодоров, до таа Петиција на Д. Пешев доаѓа откако, по сломот на Грција, Бугарија почнува да се полни со Евреи од Тракија, кога ги гледа како скитаат по софиските улици и кога, дотогаш, за него „апстрактното“ зло се конкретизира во очајници од „крв и месо.“ Тогаш кај него се буди совеста и застанува на страната на митрополитот Јосиф. Тој веќе протестира кај Богдан Филов, претседател на профашистичката влада, и бара од него да ги поштеди од депортација бугарските Евреи.

Кога, на 21 јануари 1943 стигнува во Софија Теодор Денекер, СС Хаупт-штурмфирер кој директно му одговара на Адолф Ајхман, прашањето за депортација станува неизбежно. Бугарија мора да депортира 20.000 Евреи во логорите на смртта, бројка на која се обврзала со потпишувањето на гермаско-бугарскиот пакт. Денекер и А. Белев проценуваат дека можат да соберат 14.000 од окупираните територии (8.000 од Македонија и 6.000 од Тракија), а остатокот од 6.000 да го пополнат со Евреи од „стара Бугарија.“ Според тој план кој го усвојува Советот на министрите на бугарската влада, македонските Евреи се депортирани со воз на 22, 25 и 29 март во Аушвиц и Треблинка.„Депортирани се вкупно 11.363 луѓе од кои се вратиле само 12 живи.“

Во поглавјето „Конкуреција на мемориите“ (стр. 23-35) авторот на книгата „Кревкоста на доброто…“ посветува посебно внимание на прашањето како ги објаснува тие  „подвизи“ на профашистичката влада на Богдан Филов бугарската историографија од времето на Тодор Живков, а како онаа по 1989. односно на денешна, демократска Бугарија. За таа цел Цв. Тодоров се повикува на некои интерптретации од документарната книга „Оцелването“ (1982).

За бугарската, живоковистичка историографија акцијата спасување на бугарските Евреи од депортација во Аушвиц и Треблинка била дело на комунистичката партија која, во 1945 (тогаш регент на Бугарија е Тодор Павлов со право да разрешува и наименува генерали) го стрела и потпретседателот на Парламентот Димитар Пешев, човекот кој игра видна улога во акцијата спас на Евреите од „стара Бугарија.“ Иако, како што се знае, комунистите имаат само 6 места од Парламент кои брои 160 пратеници.

Според демократската историографија на Бугарија по 1989, клучна била улогата на цар Борис III. Каква била, всушност, таа улога според оптиката на  „апостолот на хуманизмо“ Ц. Тодоров? Или, дали може да се нарече хуманистичка некоја акција на цар кој, очигледно, пресекува: кои луѓе заслужуваат да преживеат, а кои треба да умрат во логори на смртта врз основа на лојалност кон еден свиреп фашистички режим каков што бил оној на Адолф Хитлер?

На тоа прашање Тодоров одговара вака: „Се покажува дека тука станува збор за политички избор. Пролетта 1943. веќе не е толку видлива победата на Хитлер како пред тоа. Царот не сака да ги компромитира своите односи со Велика Британија и САД кои му даваат до знаење дека се против политиката на Хитлер кон Евреите. Тој мора да води, исто така, сметка за еволуцијата на мислата во својата земја“. Со оглед на тие околности, цар Борис решева да се спротивстави на владата на Богдан Фолов да ги депортира Евреите од „стара Бугарија.“

Накусо, и тој има своја улога во спасот на бугарските Евреи, но таа улога е  „политичка“, никако „хуманистичка.“ Таква е затоа што, за да ги спаси „своите“ Евреи, тој мора да ги жртвува оние од Македонија и Тракија.  Исправен пред дилемата „од две зла помалато,“ тој решава да ги исполни својте обврски кон Хитлер: тој ги жртвува Евреите од Македонија и Тракија но, за да испадн добар во очите на Британија и САД, тој ги спасува оние од „стара Бугарија.“ Уште еден пример дека политиката и хуманизмот не одат (често) рака под рака. Но и добар пример дека, во текот на војната, Бугарија била ако не фашистичка (ич не му се допаѓа тоа на г. Б. Борисов!), тогаш – профашистичка земја.

Back to top button
Close