За два дена Албанија доби 100.000 вакцини на Синовак

На аеродромот во Тирана вечерва пристигна пратка од 50.000 дози на кинеската вакцина Синовак.

Веста преку објава на Фејсбук ја соопшти премиерот Еди Рама, додавајќи дека исто толкаво количество пристигнало и синоќа.

– За два дена добивме 100.000 вакцини од Синовак, со што досега во нашата земја приситигнати се 1.067.950 анти-ковид вакцини. Динамиката на вакцинација ќе продолжи да се зголемува од ден на ден, за една туристичка сезона подалеку од пандемијата. Албанија се насмевнува. Нема време за одмор, напиша Рама.

Од средината на јануари кога почна вакцинацијата против Ковид-19 имунизирани се над 900.000 лица, освен со кинеска, и со Фајзер, Астра Зенека и Спутник В.

Министерката за здравство Огерта Манастирлиу, пак, најави дека ќе почне вакцинација на лица под 57-годишна возраст и оти во меѓувреме без проблем се спроведува процесот на вакцинација во затворите.

Според неа, петти ден по ред нема починат како последица од Ковид-19. Во последното деноноќие потврдени се два случаја на зараза од направените 1.693 тестови, активни на болеста се 118 од кои болнички се лекуваат само петмина пациенти.

Back to top button
Close