За „Госпоѓицата Черити“, џејн-остиновска ироничност и за тоа како да бидете рафинирани, но храбри и бунтовни

Осврт кон романот „Госпоѓицата Черити“ од Мари-Од Мирај, во издание на „Сказнувалка“ и во одличен превод од француски на проф. Маја Бојаџиевска

Редовно, низ различни текстови, (главно, ми се чини, романи или раскази), во мигови на меланхолија или емотивна исцрпеност некој лик жали за тоа што не може некое искуство повторно да го доживее за прв пат. Често се тоа идеализации на епизоди од детството, (конструирани) сеќавања за период  на безгрижност или минати страствени вљубувања. Некој тоа го нарекува и тага по „изгубената невност“ но таквите патетизирања не ми се блиски, ниту помнам време на некаква (лична) невиност.

Но, неколку пати, и самата во обид повторно да доживеам некои емоции за прв пат отворав наново некој од романите на Џејн Остин – во моменти кога ми недостасуваше нејзината нежна иронија и токму нејзиниот сензибилитет на женско писмо. А веројатно си недостасував и самата на себеси од периодот на летото во средно кога ги читав. Но, некако не одеше. Во најмала рака, откако, сакала-нејќела, почнав да ги анализирам политички и идеолошки, ниту госпоѓа Бенет веќе не ме иритираше доволно. Да се изразам метафорично, немав потреба да ѝ објаснам, туку куртуазно да и се насмевнам и да ја одбегнам. И онака се доближував до возраста кога почнав да ја среќавам отелотоворена во добронамерните совети.

Од книгите на Џејн Остин повремено ја бришев правта.
И поминаа скоро дваесеттина години.

Се додека на мое големо задоволство не наидов на „Госпоѓица Черити“, со зајак во рацете, седната на розево канабе на инаку потполно белата позадина на корицата од роман со повеќе од 500 станици.

„Госпоѓицата Черити“ (инспирирана од ликот на Беатрикс Потер, познатата англиска писателка и илустраторка за деца од 19. век) го следи растењето на Черити Фидлер која, парафразирам, повеќе е паметна отколку што е убава, чија мајка смета дека едно дете може да биде видено, но не и чуено додека со нејзиниот татко не воспоставува контакт со очите.

И додека сите недели во нејзиното детство си личат една на друга госпоѓицата Черити развива таленти и интереси кое се сметаат за нетипични за една рафинирана девојка од викторијанското време

 

Препрочитувајќи, станувам свесна дека некој би можел да помисли дека сум живеела сосема сама во детската соба, среде жабите и глувците. И тоа не е толку далеку од вистината. Само во ретки прилики ме повикуваа во салонот. Мама беше од оние личности што ги имаше многу во тоа време (родена сум во 1870 година), кои сметаа дека едно дете може, во краен случај, да биде видено, но не и чуено. Ако таа не ме беше прашала: „Која е најважната цел во човековиот живот?“, немаше ни да знае како звучи мојот глас

(…)

Темите што мене ме преокупираа се однесуваа на бројот на влакната кај гасеницата и начинот на кој се поврзува ногата кај жабата. Часовите по пијано целосно ме заспиваа. Секогаш свирев со толку душа колку што има една музичка кутија. Часовите по танц беа катастрофа. Бев жива, но без никаква грациозност.

(…)

Ни мама ни тато не беа свесни за ужасната монотонија на моето постоење. Јас, пак, самата, со оглед на тоа што не ми беше многу удобно во друштво, се препуштав на судбината. Но добро гледав дека другите девојки на моја возраст, како што беше, на пример, мојата братучетка Ана, водат сосема поинаков живот. Таа беше веќе „воведена“ во високото друштво, одеше на балови, имаше околу себе цело јато обожаватели, на кои, понекогаш им ја доделуваше таа чест да й го носат чадорот Во исто време, јас страдав од чести вртоглавици, дури дотаму што понекогаш, наутро, ми беше страв да станам од кревет. Докторот Пајпер изјави дека станува збор за „проблеми на млада девојка“, што ја предизвика Табита да каже, зад неговиот грб, дека еден ден тоа ќе бидат „проблеми на стара девојка“

(…)


Јулија Капулети имала четиринаесет години и ми се чинеше дека ако ѝ ја подареле Книгата на нови чуда, таа подобро ќе си го искористела времето. Ќе можела да научи, исто како јас, дека спорофитите се растенија без пол, и дека имаат помирна трговија од онаа на семејството Монтеки. 

(…)

На денот на погребот, мојата кутра кума, завиткана во црна свила, ја придржуваа нејзиниот сопруг и тетка Џенет. Не лажеше кога велеше дека не може да издржи. Се онесвести во црквата. Мама не го одобри таквото поведение. Таа, пак, самата, која често страдаше од несвестици и жештини, многу добро го поднесе ова искушение.

MAMA: Тоа е прашање на достоинство.

Ми дојде на ум дека таа би нè погребала сите со многу достоинство.

(…)

Месеците поминуваа. Во времето кога бев кај Бертрамови, мојата братучетка Лидија одби три брачни понуди: од Фредерик Андерсон, од Метју Петерн и од еден трет господин на чие име не можам да се сетам, но, кој, веднаш потоа, отиде своето срце да й го понуди на мојата братучетка Ана и повторно беше одбиен. На тој фронт од брачни понуди, мојот живот поминуваше сосема мирно, а тоа почна да ја загрижува мама, иако имав само деветнаесет години. Таа не сакаше да си признае дека трката по мажи се одвиваше поефикасно на баловите и за време на забавите на отворено, отколку за време на попладневните добротворни чајанки или за време на други побожни разговори

 

На Мари-Од Мирај и лежи „џејн остиновската“ луцидна и нежна ироничност, како со вредностите и институциите на викторијанската доба (бракот, „воведувањето во друштвото“, класните разлики…), така и низ закрилата на историската дистанца иронизира со нашето време.

Низ ликот на Черити која решава да стане писателка за деца (на скандализирање на нејзината мајка бидејќи одеднаш имаат писател во семејството), кога сфаќа дека е крадена од издавачите додека лицемерно се повикуваат на УДП – Убавото, Доброто и Правилното нејзин фокус станува ФШП – Фунта, Шилинг, Пени, Од Мирај обработува теми како финансисата независност, храброста да се живее по свое и сл, кое и век и половина подоцна се пројавуваат како совршено современи.

Финансиската независност, а со тоа и еднаквоста во бракот се теми кои се доведуваат под прашање денеска особено под влијанието на трендот на тн. Tred wifes. Низ иронизирањето писателката не потсетува на нашето време и проблеми и создава хероина која танцува на тенката линија помеѓу викторијанската рафинираност и бунтовноста. Успева да создаде живот по своја мерка (и одново и одново да ја скандализира сопствената мајка), додека задржува извесна елеганција и одмереност. Што не ја прави помалку субверзивна.

Настаните пак, кои фрлаат фокус на социјалните разлики и позицијата на непривилегираните жени се несвојствено мрачни во споредба со пастелноста на викторијанските салони и акварелните илустрации. Одеднаш сме соочени со суровоста на викторијанските санаториуми и темните квартови за нелегални (но така нужни) абортуси. Тогаш од џејн-остиновските салони Черити „скокнува“ во оној Лондон на тажните деца од романите на Чарлс Дикенс. И мрачните улички на Џек Мевосек.

Таквите различни искуства ја градат Черити Тидлер во свесна жена која не се бори да го смени светот но го прилагодува на своите избори и без посебна претенциозност живее по свое. Така раскинува (или попрецизно, суптилно доведува до раскин) една веридба која би била здодевно реализирање на идејата за добриот брак и откако станува финансиски независна стапува во брак со ексцентричниот актер Кенет Ешли кон кој притаено негувала емоции од детството (скандализираноста на нејзината мајка е дополнително читателско задоволство =) )

Нејзината импресионираноста со театарот и со авторите како Оскар Вајлд и Бернард Шо (кои и како ликови се исклучително умешно вклопени во дејството), освен за нејзините високи критериуми и образование говори за нејзината слободоумност и еманципираност, но и суптилно го најавува нејзиниот брак со театарскиот актер чија ексцентричност и начин на живот лесно би можеле да бидат подведени под „оскар вајлдовски“.

Како и да е, нејзината стабилност остава впечаток дека дури и без реализирање на големата љубов, Черити Тидлер би се втопила во пишувањето и илустрирањето детски книги  и би нашла начин да биде О.К.

И веројатно и во тоа е шармот и моќта на нејзиниот лик

Лени Фрчкоска

Back to top button
Close