За лидерите на „Вреди“ фудбалскиот тим на Албанија е „нашата репрезентација“, Славески прашува која е логиката ако Македонија им е матична држава

Коментарите на дел од лидерите на коалицијата „Вреди“ – Билал Касами, Арбен Таравари и Изет Меџити – во кои националната фудбалска селекција на Албанија ја ословуваат со „нашата репрезентација“, се за мечот меѓу Албанија и Италија на Европското првенство во фудбал, кој Италијанците го добија со 2-1
Ако матична држава на нашите сограѓани етнички Албанци е Македонија, а не Албанија, според која логика фудбалската репрезентација на Албанија може да биде национален тим?

Вака во објава на Икс реагира претседателот на Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, откако дел од лидерите на коалицијата „Вреди“, коментирајќи го мечот меѓу Албанија и Италија на Европското првенство од пред два дена, го ословија тимот на Албанија со „нашата репрезентација“.

Трајко Славески, претседател на Совет на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Aрхива
„Национален тим? Зошто кога консензуално се договоривме и прифативме дека нашите сограѓани етнички Албанци не се малцинство во Република Македонија, некои нивни лидери самите ги промовираат во малцинство?! Разбирливо е за едно малцинство да се поистоветува со институции во матичната држава. Но, ако матична држава на нашите сограѓани етнички Албанци е Македонија, а не Албанија, според која логика фудбалската репрезентација на Албанија може да биде нивен национален тим“,
пишува Славески во објавата на Икс.

Во коментарите на социјалните мрежи тројцата лидерите на коалицијата „Вреди“ – Билал Касами, Арбен Таравари и Изет Меџити – се осврнуваат на голот што фудбалерот Недим Бајрами го постигна во 23. секунда.

„Албанија го стартува со чудо Европското првенство 2024! Во 23. секунда Недим од Полог го започна мечот со гол за нас“,
пишува Арбен Таравари во објава на социјалните мрежи.

.

„Пишуваме историја со момчето од Тетово. Мрежата на Италијанците се затресе за само 23 секунди! Секогаш со нашата репрезентација“,

напиша лидерот на Беса, Билал Касами, во објава на Фејсбук.

 

„Во победа и пораз, продолжуваме со нашата репрезентација!“,коментира претседателот на Демократско движење, Изет Меџити, на социјалните мрежи.

Стрелецот за Албанија, Недим Бајрами, кој игра во италијанската Серија Б, е роден во Швајцарија, а по потекло е од Тетовско.

Реакцијата на Трајко Славески, кој е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа во период пред формализирање на новата владина коалиција во која главен партнер на партијата на Христијан Мицкоски е токму коалицијата „Вреди“ за чии лидери фудбалската селекција на Албанија е „нашата репрезентација“.

 

Back to top button
Close