За повеќе мандати, покрај промената на изборниот модел, малите партии треба да имаат и соодветна изборна стратегија, сметаат експертите


Поставеноста на изборниот систем, односно користењето на Донтовиот метод при пресметување на мандатите, како и поделбата на државната територија во шест изборни единици без никаква дилема се решенија кои ја намалуваат можноста за успех на малите политички партии и одат во корист на големите политички партии. Поради тоа често малите политички партии заговараат воведување на една изборна единица иако истражувањата говорат дека користењето на Донтовиот метод, а не поделбата на шест изборни единици, е поголема болка за малите политички партии, смета д-р Марко Кртолица од Првиот факултет „Јустинијан Први” при УКИМ.

Во изјава за МИА, доцентот од Правниот факултет вели дека сепак, подемот на политичката партија Левица говори дека и со моменталните изборни правила е возможно и мала политичка партија самостојно да обезбеди влез во Собранието доколку се избере изборна стратегија која одговара на спецификите на изборниот систем и состојбата во државата. Малите политички партии, потенцира тој, треба да сфатат дека покрај промената на изборните правила, за нивниот успех клучно е и избирачите да согледаат видливи разлики меѓу нив и големите политички партии.

-Таквата разлика малите политички партии треба да ја демонстрираат преку делување и нудење на политики различни од големите политички партии, но и преку промовирање на нови и квалитетни политичари кои не се поврзуваат со големите политички партии, дециден е д-р Кртолица.

Избирачите, кои се разочарани од големите политички партии, вели тој, ќе се придвижат кон малите политички партии единствено доколку согледаат дека малите политички партии имаат конзистентни ставови и претставуваат коректор и пркос на политиките на големите политички партии.

-Клучот за малите политички партии лежи во прикажувањето дека не се исти како големите политички партии и дека за нив општиот интерес е поважен од партискиот, истакнува д-р Кртолица.

Во нашата држава со децении малите политички партии кои се во пред или пост изборна коалиција со големите политички партии тоа не го демонстрираат, смета тој, додавајќи дека нивните пратеници во рамки на Собранието, иако од време на време покажуваат пркос кон големите политички партии, сепак на крајот делуваат и гласаат во иста насока со пратениците од големата политичка партија со која се во коалиција.

-Тоа доведува избирачите да ги перцепираат малите политички партии како лојални поддржувачи на големите политички партии, односно нивна продолжена рака. Така, разочараноста од големите политички партии се прелева и на малите политички партии кои поради малото партиско членство без поддршка на неутралните гласачи не може да очекуваат поголеми успеси, заклучува доцентот д-р Кртолица од Правниот факултет во Скопје.

Професор д-р Бојана Наумовска, директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, смета дека се неопходни реформи на изборната регулатива и систем што ќе овозможи граѓаните да знаат дека нивниот глас вреди. Според неа, поголем успех на следните избори се очекува од помалите опозициски партии. Во изјава за МИА таа го објаснува своето размислување, но исто така вели дека за нас е најдобро да се примени германскиот изборен модел конципиран за наши услови.

– Доколку нема драстични промени во секторите и ресорите кои ги водат помалите политички партии, што и да направат тоа ќе остане незабележано од страна на граѓаните, особено кога сме во една вака енергетска криза, која што станува и финансиска криза, меѓутоа и со огромни промени во правосудниот систем. За малите политички партии од власта ова ќе делува негативно на следните парламентарни избори, смета професорката Наумовска.

Моделот, вели таа, ни е пропорционален и имаме шест изборни единици, иако и по теоријата, предизборното коалицирање е победничко и за помалите и за големите политички партии, сепак, тоа е на краток рок.

– На подолг временски период, од циклус во циклус малите политички партии се губат. Тие го губат својот идентитет и всушност стануваат непрепознатливи за граѓаните. Од друга страна, пак, помалите партии кои се во опозицијата, искрено на следните избори очекувам дека ќе постигнат поголем успех, посочува професорката.

За да имаме целосна промена во овој дел, како што потенцира, неопходни ни се реформи во однос на изборната регулатива и поставување на систем којшто ќе овозможи граѓаните својата волја да ја изразуваат послободно, односно на начин за којшто ќе знаат дека нивниот глас вреди.

– Во овој момент како е моделот поставен, не секогаш гласот на граѓаните вреди, а тие тоа го знаат, изјави професорката.

Проф. д-р Наумовска вели дека она што следниот модел треба да го реши тоа се генерално три проблеми.

– Првиот е еднаквото вреднување на секој глас, затоа што во моментов немаме еднакво вреднување, бидејќи во некои изборни единици се станува пратеник со 6000 гласови, а во друга избирна единица со 8.500. Вториот проблем е поврзувањето на пратениците со граѓаните. Тоа што имаме 20 години пропорционален модел ги одалечи пратениците од граѓаните и обратно, а оваа конекција мора повторно да се воспостави и третиот проблем којшто треба да го реши е посоодветно регионално претставување на граѓаните, истакнува проф. д-р Наумовска.

Во однос на нејзините анализи, најсоодветен модел е германскиот што треба да се прилагоди во македонски услови.

Проф. д-р Наумовска укажува дека податоците што ги користи се поскромни бидејќи, за жал, немаме финансирање на автохтона македонска наука од која ние би можеле да бидеме водечка институција за креирање на новиот модел, но, сепак, сознанијата се значајни. Направени се неколку истражувања од кои едно со НДИ и оттаму, додава, се гледа какви се потребите на граѓаните и како би требало да изгледа новиот модел.

– Тој ќе им даде простор на граѓаните да гласаат за помалите партии затоа што расположение има затоа што сакаат да гласаат за нешто различно, сакаат да гласаат за различни ликови, сакаат да гласаат за помали партии од опозицијата на пример, особено затоа што тие се попрепознатливи, можеби и за некои нови движења и политички партии. Значи сакаат нови ликови во политиката, меѓутоа сакаат нивниот глас да не биде изгубен. Во овој модел, како што е поставен, големи се шансите нивниот глас да биде изгубен и токму затоа би требало во иднина да размислуваме за промена на изборниот модел, вели проф. д-р Наумовска.

Таа потенцира дека она што е клучно е дека мора државата да биде носител на овој процес. Во моментов истражувањата што се прават се поддржани од организации и институции кои што не се од македонски пари. Значи државата ја нема никаде. Министерството за правда треба да биде носител на овој процес, секако во соработка со институција како што е овој Институт, којшто има институционална меморија и може да биде носител на овој процес, истакнува Наумовска.

Германскиот изборен модел, како што објаснува, е всушност комбиниран модел меѓутоа со пропорционален предзнак.

– Тоа значи колку ќе добијат партиите на едната листа која што е пропорционална толку и ќе биде крајниот состав во Собранието, меѓутоа речиси половина од пратениците се избираат според мнозински принцип и тука ја имаме онаа поврзаност на пратениците со граѓаните. Значи тие ќе гласаат за имиња во едниот дел, а во другиот дел ќе гласаат за политичка партија и така е замислен моделот да имаме движење на едната листа во зависност од освоеното кое е на мнозинскиот дел. Значи предзнакот е пропорционален, толку колку што ќе добие. Еве на пример бидејќи збориме за мала политичка партија тие најверојатно нема да добијат пратеници од мнозинскиот дел, меѓутоа онолку колку што граѓани ќе гласаат за нив, тие толку и ќе добијат пратеници во Собранието, вели проф. д-р Наумовска.

Во моментов на пример Левица има двајца пратеници, меѓутоа по освоени гласови би требало да има некаде околу пет, или нема да имаме состојба како во 2006 година кога ВМРО-НП имаше повеќе гласови, а НСДП со помалку гласови имаше поголем број на пратеници.

– Значи сето ова ќе се избегне, граѓаните ќе бидат целосно охрабрени да гласаат за помали партии, за нешто различно и составот на Собранието ќе биде значително сменет, пред се мислејќи на квалитетот на пратениците, потенцира професорката.

Дискусијата за промена на изборен модел е суштинска затоа што не зборуваме за некој процес којшто трае еден ден на четири години, значи зборуваме за процесот преку кој што граѓаните го пренесуваат својот суверенитет на нивните претставници коишто треба да ги застапуваат и да ги бранат нивните интереси и токму затоа мора да го прилагодиме на граѓаните особено што од циклус во циклус имаме се помал интерес на граѓаните да учествуваат во овој процес. Значи во иднина може да се доведеме во ситуација пратениците да немаат легитимитет да одлучуваат за граѓаните затоа што излезноста на последните избори беше под 52 отсто, така што и ова се аргументи коишто зборуваат дека сериозно треба да се разговара за ова, истакнува проф. д-р Наумовска.

Триесет и шест пратеници од 120 во актуелниот собраниски состав доаѓаат од помалите партии, а најголем дел од нив се дел од коалициите со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Промена на изборниот модел одамна заговараат помалите партии, додека големите партии СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, според досегашните постапки, само декларативно се согласни со ова барање.

Најголем број пратеници во Параламентот има ВМРО-ДПМНЕ 38, СДСМ има 31, додека ДУИ 15. Од помалите партии коалициски партнери на Алијанса на Албанците во Собранието има осум пратеници, Алтернатива четворица, Беса тројца, Левица, ЛДП и НСДП се со по двајца пратеници, ВМРО-НП, ГРОМ, ДОМ, ДС, ДПА, ДПС, ДПТ, ПДТ, Партијата на пензионерите и Српската странка имаат по еден пратеник. Независен пратеник сега е само Санела Шкриељ, по заминувањето на Зеќир Рамчиловиќ на амбасадорското место во Црна Гора и доаѓањето на негово место на пратеничка од СДСМ.

Според сегашниот изборен модел, помалите партии коалицираат со големите партии пред изборите и имаат т.н. добитни места на заеднички листи. Па така тие имаат повеќе пратеници од освоени гласови.

Back to top button
Close