За тапанарот Џоко и жртвите од „Пулс“ ќе се прави споменик во Струмица. Хуманитарната акција за донирање средства е во тек

фото Скопје1
Димитар Ѓоргиев, братот на трагично починатиот тапанар од групата „ДНК“, Џоко Ѓоргиев, покрена хуманитарна кампања за прибирање 30.000 еврa. Средствата се наменети за изградба на споменик во центарот на Струмица – во знак на сеќавање на Џоко и на сите жртви од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, кој се смета за најголемата несреќа во поновата македонска историја.
Според информации на „Слободен печат“, споменикот ќе биде поставен на струмичкиот плоштад, а за неговата изработка е ангажиран академскиот уметник Митко Тошев – сликар и вајар, кој предава во гимназијата „Јане Сандански“.
Во образложението на иницијативата се наведува дека споменикот ќе претставува симбол на вечниот препород – не само за Џоко, туку и за сите 62 животи што згаснаа во трагедијата.

Screenshot
„Џоко имаше само 24 години. Беше млад музичар со исклучителен талент и огромно срце. На една обична вечер, додека свиреше – токму она што најмногу го сакаше – животот му згасна во огнената стихија. Но, неговата љубов, музиката и спомените што ги остави зад себе остануваат да живеат“, пишува во повикот за донации.
„Тој свиреше до последниот момент. Неговите тапани сè уште одекнуваат во срцата на оние што го познаваа и го сакаа. Сакаме тоа да трае засекогаш – затоа ја покренуваме оваа иницијатива. Да изградиме споменик што ќе биде сведоштво за неговата љубов кон музиката, за човечноста, за храброста. И да не дозволиме да се заборави.“
За само едно деноноќие, донирани се над 1.250 евра, а целта е да се соберат 30.000 евра