Западнонилската треска се шири во Грција: 110 заразени и тројца починати

Бројот на заболени од западнонилска треска во Грција продолжува да расте, откако во изминатата седмица биле регистрирани уште 45 нови случаи. Со тоа, од почетокот на летото досега се потврдени вкупно 110 заразени, покажуваат податоците на Националната организација за јавно здравје на Грција.

Dengue, zika and chikungunya fever mosquito (aedes aegypti) on human skin

Во истиот период биле регистрирани и три нови смртни случаи. Од вкупниот број заболени, дури 81 пациент развил симптоми поврзани со централниот нервен систем, вклучително енцефалитис, менингитис или акутна парализа.

Од заболените, 35 лица се хоспитализирани, 61 пациент бил отпуштен од болница, додека кај петмина не било потребно болничко лекување. За споредба, во текот на целата мината година во Грција биле регистрирани 96 случаи, при што починале девет лица.

Состојбата со западнонилската треска  е актуелна и во Македонија. Министерството за здравство вчера прогласи епидемија во повеќе скопски општини и населени места, меѓу кои Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.

Во земјава од почетокот на годината се потврдени 24 случаи, додека двајца пациенти се водат како суспектни. Дваесет заболени се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, од кои пет се во тешка состојба и се на механичка вентилација.

Регистриран е и еден смртен случај – 83-годишен пациент од Скопје, кој, според здравствените власти, имал и други заболувања.

Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај најголем дел од заразените, инфекцијата минува без симптоми или со полесна клиничка слика, но ризикот од тешки невролошки компликации е поголем кај повозрасните лица и лицата со ослабен имунитет.

Здравствените власти препорачуваат користење средства за заштита од комарци, поставување мрежи на прозорците и вратите, носење облека со долги ракави и ногавици и избегнување престој на отворено во периодите кога комарците се најактивни – околу зајдисонце и во раните утрински часови.

При појава на висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, нарушена свест, конфузија или слабост на екстремитетите, се препорачува итна медицинска проценка поради можноста за развој на сериозни невролошки компликации.

Back to top button
Close