Запленети над пет тони овошје и зеленчук што нелегално се продавале
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) продолжува со засилените инспекциски контроли на зелените пазари, насочени кон сузбивање на нелегалната продажба на овошје и зеленчук и прометот со храна што се продава во несоодветни услови и без познато потекло.

Во текот на минатата недела, при контролите на скопскиот Зелен пазар и на пазарот во Ѓорче Петров, биле запленети и уништени над пет тони небезбедна храна. Станува збор главно за овошје и зеленчук што нелегално се продавале надвор од организираните пазарни простори.
Од АХВ посочуваат дека ваквата трговија ја загрозува безбедноста на потрошувачите, но и ја нарушува конкуренцијата, нанесувајќи штета на земјоделските производители и легалните трговци.
Контролите се спроведуваат во координација со комуналната инспекција на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат, со цел спречување на нелегалната трговија и обезбедување законски услови за продажба на храна.Од Агенцијата најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, на различни локации во Скопје и низ државата. Целта е заштита на здравјето на граѓаните, спречување на прометот со небезбедна храна и обезбедување фер услови за работа на легалните трговци и земјоделските производители.






