Затворен последниот реактор во нуклеарната централа „Запорожје“
Најголемата нуклеарна централа во Европа, со капацитет од речиси шест гигавати, беше окупирана од руската армија набргу по инвазијата на Украина наредена од Кремљ во февруари 2022 година
Последниот реактор на нуклеарната централа „Запорожје“, окупирана од Русија, во јужна Украина е затворен бидејќи борбите во областа продолжуваат трета година. Ова значи дека сите шест реакторски единици сега се во состојба на ладно исклучување. Во текот на постапката не излезе радиоактивност, напиша раководството на институцијата на Телеграм.
Работите беа извршени строго во согласност со сите оперативни стандарди, потенцираше раководството што го постави Русија.
Најголемата нуклеарна централа во Европа, со капацитет од речиси шест гигавати, беше окупирана од руската армија набргу по инвазијата на Украина наредена од Кремљ во февруари 2022 година.
Беше интензивно минирана и неколку пати беше изложена на оган, предизвикувајќи меѓународна загриженост за можна нуклеарна несреќа. Двете завојувани страни постојано се обвинуваа меѓусебно дека се обидуваат да предизвикаат инцидент во електраната, која беше затворена во септември 2022 година поради опасноста.
Меѓутоа, еден блок работел неколку пати во топла состојба, што значи дека реакторот не произведува струја, туку пареа која се користи за потребите на електраната. Ладната состојба се смета за најбезбедна бидејќи блоковите се спуштаат на низок притисок и се ладат со вода.