Затворени се повеќе од 140 средни училишта во Франција, синдикатите повикуваат на голем штрајк
Во Франција, заклучно со утринава, 141 средно училиште остана затворено поради ученичките протести, соопшти тамошното Министерство за образование, а пренесе парискиот весник „Ле Монд“.

Тоа претставува помалку од четири проценти од вкупно 3.700 училишта во Франција, а оваа бројка остана непроменета во однос на четвртокот.
„Повеќе од 96 проценти од средните училишта се отворени“, соопштија од Министерството, додавајќи дека во четвртокот биле пријавени 157 затворени училишта.
Движењето на протести на средношколците започна на 18 септември во училиштата во посиромашните предградија на Париз, по што се прошири и во останатиот дел од земјата.
Учениците кои ги блокираат училиштата укажуваат на проблеми како што се пренатрупани училници, недостиг на кадар и дотраени згради, припишувајќи ги овие проблеми на долгогодишното недоволно вложување во секторот за јавно образование.
Истовремено, вработените во јавниот и приватниот сектор, младите и пензионерите се повикани на штрајк и демонстрации на 5 ноември во Франција, со барања за зголемување на платите, пензиите и социјалните надоместоци, пренесе „Ле Монд“.
Повикот, потпишан од големите синдикати CFDT и CGT, доаѓа во време кога земјата е потресена од движење на ученички протести што продолжува и покрај судирите со силите на редот и немирите во кои беа повредени и граѓани и полицајци





