Затвореникот Бесим Красниќи повторно избега откако добил прекин на казната за лекување
Затвореникот Бесим Красниќи, кој пред две години беше екстрадиран во државата од Косово, бидејќи за него беше распишана меѓународна потерница за издржување на казна затвор за сторени кривични дела разбојништво, тешки дела против општата сигурност и казнување за подготвување во врска со кривично дело тероризам, сега избегал од затвор. Поточно, тој добил прекин на затворската казна за лекување, па кога требало да се врати во затвор, тој не се појавил. Осуденикот веќе еден месец е во бегство.

Од Кривичниот суд ја објаснуваат процедурата за тоа како Красниќи воопшто добил прекин на затворската казна заради лекување.
-Судот при одлучувањето за извршувањето на казната води сметка и за здравствената состојба на осуденото лице. Согласно со член 224 став 2 од Законот за извршување на санкциите „По барање на осуденото лице или по предлог на директорот на установата, врз основа на мислење на здравствен работник и медицинска документација, откако судијата за извршување на санкциите ќе ги провери околностите наведени во барањето со решение може да го прекине издржувањето на казната подолго од 30 дена, поради лекување, кога не постојат услови лекувањето да се спроведе во установата или установата да го упати во соодветна здравствена установа.“
Прашањето дали потребното лекување може соодветно да се спроведува во затвор или е неопходно лекување надвор од установата е пред сè медицинско прашање, за кое одлучуваат надлежните лекари врз основа на здравствената состојба на осудениот. Така, судот, при одлучувањето за прекинот, пред сѐ го имаше предвид Медицинскиот наод изготвен од Д-р Јулијана Ангелова при ЈЗУ Здравствен дом Скопје – Служба за здравствена заштита на осудени и притворени лица – Амбуланта КПУ Идризово и Мислењето од проф.д-р Огнен Костовски – абдоминален хирург, за дополнителни доинвестигации кај осудениот, како и препораката да се прекине казната за кое време би се спровеле доиследувањата кои не можеле да бидат реализирани во пенални услови. Имено, според мислењето на проф.д-р.Огнен Костовски, потребно било и дополнително да се направат доинвестигации во смисла на гастродуоденографија и евентуална “re-do“ процедура, со што единствено се занимавала клиниката за дигестивна хирургија.
По барањето за продолжување на прекинот, судот со Решение ПК.бр.10/26 од 16.06.2026 година, го одби барањето на осудениот, оценувајќи дека од доставената медицинска документација не произлегува потреба од понатамошно лекување подолго од 30 дена надвор од казнено – поправната установа. Жалбата на осудениот Б.К. е одбиена со Решение КС-КР.бр.923/26 од 10.0.2026 година на кривичниот совет при овој суд и решението на судијата за извршување на санкции е потврдено.
На 10.07.2026 година, од страна на В.Д. Директорот на КПУ-КПД Идризово Скопје м-р Зоран Јовановски, доставено е известување дека осуденото лице Б.К. не се вратил во установата во определениот рок. По што, судот издаде наредба за негово приведување, како и потерница доколку се утврди дека се крие или се наоѓа во бегство, велат од Кривичниот суд.






