Заврши судењето на тројцата полицајци обвинети во врска со „Пулс“, пресудата закажана за 5 мај

Со завршни зборови денеска во Основниот кривичен суд Скопје беше заокружено судењето против тројцата обвинети полицајци од Кочани – Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков во врска со т.н. кабаре „Пулс“ во кое лани во пожар загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Момент пред почетокот на едно од претходните рочишта од судскиот процес против Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, полициски службеници од Кочани / Фото: „360 степени“
Станува збор за еден од трите предмети што ги води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое има посебно одделение за водење истраги против полициските службеници кои ќе се огрешат пред законот.

Обвинителството на денешното рочиште побара осудителна пресуда за обвинетите поради неизвршување на службената должност и прибавување имотна корист, а одбраната оцени дека обвинението е неосновано и побара ослободителна пресуда.

Пресудата ќе биде изречена на 5 мај.

Јавната обвинителка Спасенка Андонова во изјава за медиумите, по рочиштето, рече дека уште при поднесувањето на обвинителниот предлог Обвинителството располагало со доволен број материјални докази.

„Од анализата на доказите и сите изведени искази јасно произлегуваат пропустите на обвинетите како полициски службеници, кои придонеле да се реализира имотна корист за правен субјект кој воопшто не бил наведен во записниците од контролите“,рече Андонова,

Таа додаде дека обвинетите не постапиле во согласност со деловите од анекс-планот, кои прецизно укажуваат каква документација треба да се обезбеди при акциска контрола и кого треба соодветно да легитимираат.

Во однос на третообвинетиот Темелков, Андонова наведе дека тој како командир имал сознанија за тоа кој правен субјект стопанисува со објектот.

„Од дописите од Министерството за економија, прибавени уште пред акциските контроли, јасно произлегува дека со клубот ‘Пулс’ стопанисувал друг правен субјект, а не оној против кој е поведена прекршочната постапка“,

рече обвинителката изразувајќи уверување дека судот ќе донесе осудителна пресуда.
Одбраната, пак, побара ослободување на сите обвинети. Бранителот Гоце Ристов оцени дека Обвинителството не направило корекција, туку измена на обвинителниот предлог.

„Обвинителството не достави ниеден доказ од кој произлегува која бланкетна норма или подзаконски акт е прекршен, ниту, пак, се утврди одговорност кај обвинетите“,

изјави Ристов додавајќи дека полицајците постапиле целосно во согласност со акцискиот план и анекс-планот.
И бранителот Роберт Марков посочи дека од исказите на сведоците произлегува оти полицијата нема надлежност да бара или контролира лиценци за работа.

„Лиценцата ја издава Министерството за економија и ја контролира ДПИ (Државниот пазарен инспекторат), а не МВР. Во анекс-планот е наведено решение за работа или тековна состојба, со сите релевантни податоци за правниот субјект“,

рече Марков, додавајќи дека дури и самата лиценца не ги содржи податоците потребни за полициско постапување.
Според обвинението, во периодот од октомври 2023 до февруари 2024 година, обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, при акциски контроли во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани не постапиле целосно по анекс-плановите и во записниците внеле неточни податоци за правното лице, а иако биле констатирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, не била поведена соодветна прекршочна постапка.

Третообвинетиот Александар Темелков, според Обвинителството, при одобрување на барања за поведување прекршочна постапка не ја проверил целокупната документација и покрај законската обврска. Со ваквите дејства, како што тврди обвинението, била прибавена имотна корист – неповедување прекршочна постапка за „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“.

Back to top button
Close