Здравко Чолиќ со симфониски оркестар во Скопје

Легендарниот Здравко Чолиќ, една од најголемите музички ѕвезди на сите времиња на нашите простори, по 6 години ќе се врати во Скопје на 18 март 2025 година, во Арена Борис Трајковски. Овој пат, тој пристигнува со дури 50 врвни музичари, големите инструментални солисти на новосадскиот Биг бенд и оркестарот на операта на Српскиот народен театар од Нови Сад. Откако оваа ексклузивна концертна програма на Здравко Чолиќ со симфониски оркестар ги распродаде арените ширум регионот, конечно и македонската публика има можност да ужива во специјално избраниот репертоар и исклучителните аранжмани, зад кои се потпишува диригентот Федор Вртачник.

Пред македонската публика пристигнува несомнено најпопуларниот концерт за следната 2025 година. Чолиќ, чија огромна популарност трае веќе пет децении, ќе ни претстави неповторлива концертна вечер со низата големи хитови од сите фази на неговата кариера, изведени со поддршка од симфониски оркестар, што ќе донесе нова емоција и ново искуство на уживање во едни од најубавите и најголемите љубовни песни испеани на овие простори како што се „Ti si mi u krvi”, „Produži dalje”, „Gori vatra”, „Sinoć nisi bila tu”, „Jedna zima sa Kristinom”, „Ljubav je samo riječ”, „Noć mi te duguje” или „Svadbarskim sokakom”.

 

Здравко Чолиќ премиерно ќе настапи во Македонија во ваков состав, со кој претходно одржа рекордно распродадени концерти за паметење во Љубљана, Бања Лука, Пула, Ријека, Загреб, а за прв пат се најде дури и во програмата на рок фестивал во Србија.

 

„Моите пријатели и соработници со години ме убедуваа да направиме репертоар и концерт кој би бил во придружба на голем оркестар. На иницијатива на славниот диригент Федор Вртачник го покренавме целиот проект. Целосно препуштив од големиот опус на мои песни тој самиот да ги одбере оние кои ќе добијат ново руво и звук, соодветни за оваа ексклузивна музичка приказна”, вели музичкиот великан Чолиќ.

Поради форматот на овој концерт, арената „Борис Трајковски” на 18 март ќе биде исполнета исклучиво со места за седење, поради што ќе биде намален максималниот капацитет, а тоа е дополнителен апел за публиката навреме да ги обезбеди своите влезници.

Влезниците за концертот се веќе достапни во продажба и може да се набават преку веб-страницата на mktickets.mk и на сите нивни продажни места.

 

Back to top button
Close