Здравството по линија на жилет: стравот го чува лозјето-паниката предвреме го собира!?

Уште владиката и државник,мудрецот  П.П.Његош проповедаше дека “не се плаши од душманот да го има колку в гора лисја, тук се плаши од злото домашно”.

Академик Луан Старова, еден од последните живи мудреци по Балканите, сведочи, како на Маршалот (Ј.Б.Тито) му советувал “да не се плаши за земјата, ниту од Истокот, ниту од Западот, туку од Внатрето!”.

Македонија е пред судбоносни моменти, токму од Внатрето! Судбината, секако дека постои, но самите ние си ја продуцираме. Предзнаците доагаат од црни, густи шуми, а само од нас зависи дали навреме  ќе ги препознаеме.

И додека се занимаваме со шутрачките изјави на министерот и бугарски вице-премиер Каракачанов, вљубеникот во Охрид и охридската пастрмка (за секоја поголема дели пасош!), нам животот ни протекува низ прсти!

Нашата судба е суицидноста!

Да, премногу тежок збор, збор што убива, но, за жал, нема бегање од вистината.Ние секојдневно си пукаме во коленото, а секој втор ден – право во челото.

Што на граѓаните, кои, секојдневно губат свои најмили, им значи тоа дека, поради недонесувањето на новиот Закон за јавното здравје, не можеле да се применуваат мерките кои гио пропишува Владата?

Другари – господо, превземете одговорност: стравот го чува лозјето-паниката предвреме го собира!?

Ако опозицијата, веќе  знаете дека е неодговорна, тогаш ниту ја молите, ниту ја кумите. Оставете ја нека лови дневен профит (скоро ќе нема од кого!?), а вие од власта, запнете да ги спасите оние кои преостанаа. Утре ќе нема и вас кој да ве пофали, или искритикува.

Здравството ни се движи по линија на жилет(или: по линија на живот, или смрт, кој како милува!): стравот го чува лозјето – паниката предвреме го собира!? Ние сме во голем зорзоман, најголем и нема зошто да го чуваме “кубурот – за немај каде и немај кога!”.

Сега и веднаш власта треба да  ги искористи сите можни и неможни мерки. Се што и стои на располагање, или не и стои. Народот што го губиме, е тој пред кој се полага сметка.Во немајкаде, народот е и Уставен и Врховен суд.Не се плашете, ако превземете нешто кое излегува надвор од вашите ингеренции.

Што ве спречува да превземете контролиран влез и излез во и од градовите. Колку што до мене допираат информации, соседна Албанаија така крена уши. Во Србија сеуште владее влада со изминат рок, ама таму, дури и во апсолутни релации, бројките се помалку страшни од нашите.

За празникот 11 октомври Охрид, 3 дена, вриеше од гости од Скопје и други градови. Десетина дена подоцна, после вообичаениот период за инкубација, Охрид врие од новодијагностицирани со Ковод 19! Ние што укажавме на ваков развој, бевме обвинувани за нељубезност,негостопримство и недомаќински однос. 

Под ризик за слични обвинувања, денеска е моментот (во Охрид вртоглаво расте бројот на заболените), а веќе на врата ни чука нов продолжен празничен викенд. Властите добро да размислат како ќе постапат од  петок до недела. Во спротивно фактурата, повторно, ќе ја платиме, после 6,7, или 8. ноември.

Ние не сме Манчестер. Верувам дека власта има максимална поддршка од популацијата за построги мерки. Пред да се воведе полициски час (што очигледно не ни бега и само прашање на време е кога Филиче и формално ќе го побара!), неопходно е да се ограничи, односно да биде селективно движењето од град во град.

Што ќе ни фали, ако сега малку се стегнеме, се воздржиме од луксузирања. Само за работни, односно службени потреби, здравствени потреби и слично. Ако не се спасуваме заедно и солидарно (сега не е време за солидарност во луксузирањето!), тогаш сите ќе висиме – поединечно! Нема трето!!!

На Филипче, сега му се падна да биде врховен командант во здравството. За да не зачува, тој мора да ги престрои своите единици. Не може иста личност, високо позициониран здравствен работник, денеска да ни кажува дека доцна се јавуваме во болниците, а утре малку да се стрпиме, ние со полесни симптоми!? Да, лозјето го чува стравот, ама, се плашам, дека паниката предвреме ќе го собере.

Ние сме на чекор од паника, затоа што и далеку поорганизираните од нас се веќе во паника. Во многу европски земји, дури и во срцето на обединета Европа, повеќе нема можност за следење на алгоритми и правење анкети и кластери. Ние сме на чекор пред крајната опасност – да ја изгубиме контролата над вирусот.

Дури и да греши “Врховниот здравствен  командант”, ние мора да се престроиме и да се построиме само пред еден барјак, пред една команда, пред една субординација. Какви се тоа предлози за нови специјални комисии? За нов начин на нивни подбир-во парламентот!

Ние,едноставно,немаме време за дебати и амандмански расправи. Ние сме во пожар, среде оган.

Огнот е добар слуга, ама е многу лош господар!?

Веле Митаноски

Back to top button
Close