Зедер: Лашет ќе биде кандидат за канцелар на Германија

– Маркус Зедер денеска ја повлече кандидатурата за канцелар на федералните парламентарни избори во Германија, што се закажани на 26 септември во корист на Армин Лашет.

Неговата одлука уследи откако претседателството на германската владејачка Христијанско-демократската унија (ЦДУ) го поддржа својот нов претседател, и премиер на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија, Лашет во кандидатурата за демохристијански кандидат за канцелар.

Откако одлуката на Зедер официјално ќе биде потврдена, Лашет ќе биде заеднички кандидат за канцелар за конзервативниот блок, во кој членуваат ЦДУ на Лашет и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) на Зедер.

Членовите на сојузното претседателство на ЦДУ утрово, по шестачовниот работен состанок, го поддржаа Лашет со 77,5 проценти од гласовите на членовите на највисокотло партиско тело.
Од 46 члена на претседателството, 31 член гласаа за Лашет, девет беа за лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, а шестмина беа воздржани.

Зедер беше поддржан од 22,5 проценти од членовите на претседателството на ЦДУ.

По неуспешните обиди за време на викендот двајцата претседатели да постигнат меѓусебен договор за тоа кој од двајцата да ја понесе кандидатурата за функцијата канцелар, Зедер вчера соопшти дека одлуката за канцелар ќе зависи од претседателството на ЦДУ, поголема партија од двете во Унијата.
Кандидатурата на Лашет треба да биде потврдена и од раководството на ЦСУ.

Во историјата на Унијата ЦДУ / ЦСУ, само двајца политичари од ЦСУ, Франц Јозеф Штраус и Едмунд Стојбер учествувале во трка како кандидати за канцелар.

ЦСУ ја претставува демохристијанската опција во Баварија, а ЦДУ во другите 15 германски покраини.

Back to top button
Close