Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска донираа 14 болнички кревети на болницата во Штип
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска донираа 14 болнички кревети и 4 маси за инструменти за операциона сала на Клиничката болница во Штип, со што повторно се инвестира во поквалитетни и подобри услови за пациентите и за медицинскиот персонал.
Од донираните кревети, 10 се доделени на Одделот за ортопедија, а 4 на Одделот за неврологија. Дополнителните маси за инструменти за операциона сала ќе помогнат во зајакнувањето на хируршкиот капацитет и ефикасноста во оперативните капацитети на болницата.
Оваа донација има за цел да го подобри квалитетот на здравствените услуги достапни за пациентите во источниот плански регион преку обезбедување модерна и функционална опрема за клучните одделенија кои лекуваат голем број пациенти.
Претставниците на болницата изразија благодарност за поддршката, нагласувајќи дека новата опрема значително ќе придонесе за подобра удобност на пациентите и поефикасен третман.
„Задоволство ни е што имаме можност да ја поддржиме Клиничката болница во Штип со опрема што ќе им помогне на лекарите да обезбедат подобра грижа за своите пациенти. Се надеваме дека оваа донација на болнички кревети и маси за инструменти ќе придонесе за подобри услови за лекување и удобност на сите кои се хоспитализирани во овие одделенија. Поддршката на здравствените работници и зајакнувањето на локалните медицински институции останува една од нашите основни заложби.“, истакна Бранка Џајковска од Фондацијата д-р Верица Механџиска.
Оваа донација е уште една во низата донации кои во изминатите неколку месеци се реализираа од Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска, а се насочени кон поддршка на здравствените установи и подобрување на медицинските услови и за пациентите и за здравствените работници. Освен донацијата на хипербарна комора во одделот за физикална медицина при ГОБ 8ми Септември, во изминатиот период се донираа и мулти-функционални маси за вежбање на рацете за Институтот за физикална медицина и рехабилитација, како и болнички кревети и друга медицинска опрема за гинеколошко- акушерското одделение при Клиничката болница во Тетово.







