Зеленски: Немаме сила целосно да го вратиме Крим

Украина има реалистичен пристап кон идното членство во НАТО и е свесна дека во моментов нема доволно сили или широка меѓународна поддршка за враќање на Крим, но нејзината позиција за статусот на полуостровот останува непроменета, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Toj рече дека не ја исклучува можноста дека се водени разговори во таа насока со партнерите, но не потврди конкретни наводи.

„Ние сме реалисти. Навистина сакаме да бидеме во НАТО. Според мене, тоа е фер. Но, знаеме со сигурност дека Соединетите Американски Држави, како и некои други земји, искрено кажано, во моментов не ја гледаат Украина во НАТО. А Русија, без сомнение, никогаш не сака да нѐ види таму“ – рече Зеленски.

Зборувајќи за Крим, тој призна дека Украина во моментов нема воен или политички капацитет да го врати полуостровот под своја контрола.

„Дури и денес, кога станува збор за Крим, немаме сила целосно да го вратиме нашиот украински полуостров Крим. Можеби го кажав тоа на првата средба и верувам дека бев во право“, додаде украинскиот претседател.

Нагласи дека недостигот на загарантирана поддршка не значи промена на основните украински принципи, вклучително и ставот за територијалниот интегритет на земјата. Според него, прашањето за Крим и нивото на согласност во рамките на меѓународната дипломатија за неговиот статус сѐ уште се сложени.

„И искрено, да, денес немаме сила за сето тоа. Немаме доволно поддршка за сето тоа. Но, тоа веќе го кажав на првата средба. Мислам дека можев да го потврдам тоа на последната средба со Путин“ – изјави Зеленски.

Back to top button
Close