Зеленски од Делфи форумот: Потребни се единство, помош од Западот, оружје и целосна изолација на Русија
За потребата да постои единство, да постои помош и поголема поддршка од Западот, вклучително и оружје, но и за неопходноста Русија целосно да се изолира, говореше претседателот на Украина Володимир Зеленски на отворање на деветтиот Економски форум во грчкиот град Делфи, јави дописничката на МИА од Атина.
-Многу е тешко сами да се соочиме со предизвиците на неиспровоцираната војна. Ни треба помош од нашите партнери. Многу е тешко да се соочиме со непријателот и уште потешко е да се вратат веќе окупираните територии, затоа ни треба единство и соодветно вооружување, порача Зеленски.
Истакна дека помошта е потребна за, руската инвазија во Украина, да не се претвори во Трета светска војна, порачувајќи дека потребен е и притисок врз Путин.
На прашањето за сценариото за отстапување територии во рамките на мировниот план што наводно го подготвува Доналд Трамп во случај да биде избран за претседател на САД, Зеленски коментираше дека немал можност директно да дискутира со него во врска со војната.
Економскиот форум во грчкиот град Делфи започна денеска, а на свеченото отворање се обрати претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, по што следеше панел дискусијата со Зеленски, но и говори на претседателите на Словенија, Наташа Пирц Мусар и на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.