Зеленски: Подготвени сме да прифатиме неутралност и денуклеаризација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека „темелно го проучува“ прашањето за неутралност на земјата, што е една од централните точки во преговорите со Русија за завршување на војната.

„Една од клаузулите во договорот се однесува на „безбедносни гаранции и неутралност и денуклеаризација на нашата земја“ и тоа е барање на Москва“, изјави Зеленски во интервју за руските медиуми, пренесува украинското Претседателство на „Телеграм“.

„Подготвени сме да го прифатиме тоа“, рече Зеленски и нагласи дека „темелно се проучува“ точката во преговорите.

Војната, според него, би можела за брзо време да заврши, но „рускиот претседател Владимир Путин и неговото опкружување се тие кои одолговлекуваат“.

Зеленски додаде дека договорот меѓу двете завојувани страни ќе треба да биде ратификуван во украинската Рада и во Руската Дума и повтори дека ќе организира референдум по него.

Украинскиот претседател даде интервју на руската опозициска ТВ Дожд и за независната „Медуза“, чии сајтови ги блокира Русија, како и за рускиот весник „Комерсант“.

Рускиот регулатор за медиуми „Роскомнадзор“ ги предупреди медиумите да не го објавуваат тоа интервју и додаде дека ќе спроведе истрага против оние кои учествувале во него

 

 

Back to top button
Close