Зеленски: Разговорите со ЕУ за финансирањето на Украина даваат „добри резултати“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека дијалогот на Киев со Европската комисија дал „добри резултати“ во обезбедувањето средства за финансиските и одбранбените потреби на Украина за оваа и за следната година.
Во моментот кога војната со Русија навлегува во петтата година и трошоците за одбрана постојано се зголемуваат, Украина се обидува да се справи со недостиг од 27 милијарди долари за финансирање на одбранбените потреби за оваа година, додека за следната година ќе треба да обезбеди уште 32,6 милијарди долари за покривање на буџетскиот дефицит, соопштија украинските претставници.
„Се договоривме за формата, временската рамка и за сите чекори што се неопходни за обезбедување целосно покривање“, напиша Зеленски во објава на апликацијата Телеграм.
Во заедничкото соопштение на Европската комисија и Украина се истакнува: „Денеска, благодарение на координираните заеднички напори, ги утврдивме мерките за покривање на буџетските и одбранбените потреби на Украина за 2026 година“.
За 2027 година, двете страни се договорија брзо да дејствуваат за доделување 45 милијарди евра од заемот за Украина, во согласност со утврдените услови. „Ќе започнеме со работа и на утврдување на дополнителните буџетски и одбранбени потреби“, се наведува понатаму во заедничката изјава.
Сите страни се согласија и дека останатите партнери треба да ги исполнат своите финансиски обврски и да ги засилат напорите, со оглед на значителните предизвици со кои се соочува земјата.
Зеленски им се заблагодари на сите европски партнери и додаде дека во моментов се подготвуваат дополнителни мерки за зајакнување на Украина.






