Зеленски: Украинците гледаат што се случува додека во земјата се слушаат предупредувања за воздушни напади
За време на преговорите меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, во Украина беше активиран системот за предупредување од воздушен напад, така што на Украинците, барем засега, им е јасно дека договорот не функционира, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, цитиран од украинските медиуми.
-Мислам дека Украинците разбираат што се случува. Во Украина во моментов има тревога за воздушен напад. Тоа е во основа одговор на она што се случува. Русите, колку што знам, за време на разговорот со Трамп рекоа дека веднаш наредиле да се запрат нападите врз енергетската инфраструктура со оружје со долг дострел, вклучително и Шахед (дронови). Но, постои предупредување. Затоа не функционира, барем засега, рече Зеленски.
Според претседателот, за време на преговорите меѓу украинската и американската делегација во саудискиот град Џеда се постигнати добри резултати.
-Единственото прашање што се покрена сега беше да не се погоди енергетскиот сектор. Во моментов немам дополнителни информации. Мислам дека би било правилно да разговараме со претседателот Трамп и да дознаеме за деталите за тоа што Русите им понудиле на Американците и што Американците им понудиле на Русите, рече Зеленски.
Според шефот на државата, американската страна, почитувајќи го договореното со Украина, ги претставила предлозите за кои се разговарало со Украина во Џеда.
Во исто време, Зеленски рече дека Украина ќе ги поддржи предлозите за прекин на огнот во енергетскиот сектор, но неопходно е да се објават сите детали за договореното меѓу страните.
-Откако ќе добиеме детали од американскиот претседател, од американска страна, ќе го дадеме нашиот одговор, ќе го подготвиме, а тимот ќе биде подготвен за технички преговори, рече Зеленски.
Путин за време на денешниот телефонски разговор со Трамп се согласи Русија и Украина да престанат да удираат меѓусебно врз енергетската инфраструктура 30 дена. Руските медиуми потоа објавија дека Путин и наредил на војската да ги запре нападите врз овие цели на 30 дена