Жалба за притворот на Богоев

Одбраната на поранешниот градоначалник на Карпош и екс директор на Царинската управа, Стефан Богоев, ќе ја обжали одлуката за 30-дневен притвор во законскиот рок од 24 часа. Неговите адвокати потврдија дека жалбата е веќе подготвена, нагласувајќи дека не очекувале ваква одлука од судот, имајќи предвид дека станува збор за предмет од финансиски, а не од насилен криминал.
„Не очекувавме ваква одлука. Сметаме дека гаранциите што ги понудивме, заедно со мерките на претпазливост, можеа да обезбедат присуство на осомничените и да спречат евентуално влијание врз сведоци или меѓусебна комуникација“, изјави адвокатката Сања Алексич.
Одлуката за притвор предизвика реакции и на политичката сцена. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Богоев бил дел од шема за местење тендери во Царинската управа и дека за возврат добил поткуп.
„Стефан Богоев продолжил по стапките на Заев. Заедно со Александар Спирковски – Џемо договарале која фирма ќе го добие тендерот за одржување на хигиената на граничните премини и терминали, со што овозможиле противправна имотна корист од над 18 милиони денари. Според информациите, Богоев за тоа побарал и лична корист“, изјави пратеникот Миле Лефков.
Од друга страна, поранешниот претседател на Градската организација на СДСМ, Васко Кичевски, смета дека станува збор за селективна правда и дека случајот е политички мотивиран.
„Во Македонија се оди во затвор за ситни работи, а не за многу поголеми афери. Жал ми е што Богоев ќе мора да ја почувствува оваа неправда и да биде одвоен од семејството, а на крај ќе се покаже дека случајот нема основа“, напиша Кичевски на социјалните мрежи.
На Стефан Богоев и уште три лица им е определен 30-дневен притвор поради сомнежи дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година местеле тендер за чистење на гранични премини и царински терминали. Според обвинителството, Богоев за наместениот тендер примил поткуп од 1.800 евра, додека избраната фирма се стекнала со противправна имотна корист од околу 300.000 евра.






