Женска самоодбрана: историја, теорија и пракса

Кога зборуваме за зајакнување на телотo, најчесто мислиме на обликување или разубавување, а многу ретко за колку телото може да биде силно или моќно. За жал, во неколку наврати сум се почувстувала немоќно да се заштитам и само сум се надевала дека можеби еден ден ќе вложам доволно во себе и ќе бидам толку силна што ќе го надминам константниот страв кој го чувствувам на улица, во неконтролирани средини или при нечие агресивно однесување. Не сум единствена чија сопатничка е несигурноста. Кампањите #СегаКажувам и #СегаКажувамКадеНеОдам покажаа само еден мал процент од она што се случува во однос на вознемирувањето и стравот од истото. Ја имам среќата да имам супер пријатели кои ми предложија да почнам да одам на часови за самоодбрана, ама од друга страна го имам и вечното одоговлекување како пријател, па ми требаше време да се одлучам да направам таков чекор. Затоа и клубот во кој сакав да се приклучам ми стоеше во Saved на Instagram една година. Кога собрав храброст, а и одлучив системски да се посветам на своето тело, нешто што порано го сметав за непотребно, (бидејќи зошто да вложувам кога и онака ми оди тешко да го засакам), почнав да одам на часови по самоодбрана. Доживувајќи ги позитивните промени од моето искуство, решив да го истражам влијанието и историјатот на концептот на женска самоодбрана.
Како изгледа еден час по самоодбрана
Преку спој на различни техники во кои преволадува Brazilian Jiu jitsu, се запознав со нов вид на посветеност од страна на една група на девојки, добар ментор и можноста да ѝ веруваш на сопствената сила. Часовите за самоодбрана ми помогнаа да научам како е да бидеш спремна да се зашитиш во секој момент и не само што имаа ефект врз моето тело, туку и врз моето ментално здравје. Часовите создаваат дополнителна сигурност и одредена контрола над потенцијално опасната ситуацијата. Зајакнувањето на телото и учењето на нови вештини креираат сила која те уверува дека можеш да се потпреш сама на себе и ја имаш способноста да се заштитиш. Една од клучните работи кои треба да се напомне е дека часовите по самоодбрана не се наменети да го победиш противникот, не станува збор за борба, ниту треба да биде, туку начин да го амортизираш нападот, се одбраниш од понатамошно насилство и можеш да создадеш просор да ја избегнеш потенцијално опасната ситуација.
Во час и половина се предаваат различни техники во кои превладува BJJ, после кратко загревање на телото. Преку рекреирање на различни опасни ситуации и дефинирање на потенцијалнито опкружување, преку насоки на менторот се тренираат соодветни начини на реагирање. Под потенцијално опкружување се мисли на одредена опасна ситуација, враќање навечер кон дома, лифт, темна улица, или едноставно многу од местата кои ги сретнавме и под хаштагот #СегаКажувам. Учејки за физичко поставување на телото, до зборови кои се значајни да се употребат во дадената ситуација, часовите по самоодбрана формираат физичка меморија и ментална спремност која станува и останува дел од тебе. Запознавањето со своето тело и својата способност да се заштитш придонесуваат многу кон самодовербата.
Часовите по самоодбрана најчесто подразбираат комбинации на различни дисциплини. Неколку од нив се Џиу џицуто и аикидо, но сметам дека можам само да споделам за она со која јас сум имала искуство.
Бразилскиот Jiu jitsu или БЈ е воена вештина со јапонско потекло во која во суштина се користат различни техники со цел да го однесат противникот на земја и да се доминира над него. Буквално, на јапонски значи „нежност“, а јутсу значи „уметност“, „техника“.
Конкретно потекло, како и со скоро сите антички воени вештини, не може точно да се прецизира. Слични борбени стилови се потврдени кај многу народи, од Индија до Кина, во 3 и 8 век. Она што е познато е дека неговото опкружување на развој и рафинирање биле училиштата на самураите, воената каста на феудалната Јапонија.
Историјата на женското движење за самоодбрана
Со оглед на тоа што постоеле различни техники низ минатото, не може со целосна сигурност да се утврди кога точно започнуваат формалните часови по самоодбрана. Како што се развивала политичката и социјалната борба за правото на глас и политичко учество на жените, паралелно се движи и она што се смета за документиран развој на концептот на самоодбрана за жени. Низ политичките и општествените борби за еманципација, жените не биле поштедени од физички напади. Кога насилните напади не биле оркестирани од државниот апарат и полицијата како нејзин извршител, тогаш биле од граѓани кои не ја поддржувале нивната борба.
Авторката Wendy L. Rouse во книгата The Origins of the Women’s Self-Defense Movement, анализира еден значаен момент од развојот на часовите по самоодбрана за време на минатиот век. Таа пренесува како американската национална опсесија со атлетиката се одвивала во почетокот на дваесеттиот век, кога „машката уметност“ боксот се сметала за еден начин на развој на карактерот и физичката сила кај мажите. Напоредно, боксот станува популарен и кај новата генерација на политички моќни и социјално активни жени и девојчиња како средство за вежбање и самоодбрана. Некои луѓе се спротивставиле на овој тренд со образложение дека боксот може да ги измени телата на жените, односно маскулинизира.
Жените кои храбро излегле надвор од нормите, следејќи ги понапредните обуки за самоодбрана, со отфрлање на идејата дека жените се инхерентно ранливи и бараат машка заштита, биле маргинализирани од мејнстрим општеството како неконформирани физички фрикови, маскулинизирана девијација или измамени од т.н. нереални феминистички идеи. Но, денеска токму на тие жени им ја должиме слободата на можноста за скршнување од западниот идеал за женствена убавина, бидејќи тие прешле преку границите на традиционалните родови норми. Нивното дејствување, без разлика дали свесно или не, го отворил патот за идните генерации на спортистки.
Дополнително, авторката преку своите истражувања ги доловува и класните поделби кои влијаат кон достапноста на часови за самоодбрана. Жените кои тренирале бокс и џиу-џицу, биле претежно средна или висока-средна класа и бели. Работничката класа, имигрантите и жените кои не биле бели, исто така, учеле самоодбрана, меѓутоа во неформално опкружување. Преку оваа анализа, авторката ја претставува и релацијата, односно формата на солидарност која се создава помеѓу жените од различни економски класи, без да ги исклучи проблематичните фактори.
Белите жени од висока-средната и средната класа, исто така, во обуките за самоодбрана препознале средство за заштита и потенцијално спречување на моралниот пад на жените од работничката класа. Загриженоста за доминацијата на сексуалните предатори на улица и на работното место ги натера реформаторите да размислат како можат да помогнат во заштитата на сексуалната чистота на работничките. Применувајќи ја доктрината за самоодбрана во нивната работа за социјална заштита, овие жени ја преземаа улогата на заштитнички на жените од работничката класа. Тоа било иронично, затоа што во исто време тие ја отфрлаа сопствената затвореност во улогата на заштитени. Во овој процес, тие пронајдоа начин за извршување на политичка моќ без да ги вознемируваат нивните претходно дефинирани родови улоги.
Интересно за оваа книга, во која е вложено повеќе од 10 години труд, е интерсекцискиот пристап на прикажување на самоодбраната како значаен концепт за женските права. Wendy L. Rouse, има критички осврт на империјалистичкиот наратив кој се користи при претставување на џиу-џицу, во споредба со боксот кој се доживува како американски прозивод. Напредокот на жената, гледана низ едно поле, се поврзува и со политичките и економските случувања во моментот на развојот на самоодбраната. Авторката ги анализира и негативните наративи низ кои во одреден период се развива популарност на часовите за самоодбрана, нагласувајќи го и расистичкиот елемент. Јавното одобрување на можноста жените да посетуваат часови по самоодбрана, во одреден момент, не само што се поврзува со т.н. зајакнување на женските тела за да им помогне да бидат подобри мајки, туку и да можат самите да се заштитат доколку нивниот сопруг не е тука да ги заштити од другиот.
Видливоста на жените во претходно машко-доминираните јавни простори, како што се салите за бокс и спортски сали, се совпаднала со движењето на изборната кампања во јавниот простор. Суфражетките зазеле храбар став на улиците, говорејќи за значењето на поддршката во борбата за права на жените. Жените кои практикувале самоодбрана го искористиле јавниот простор за да ја потврдат својата независност и политичка моќ.
Иако не сите жени кои практикувале бокс или џиу-џитцу во тој период ги препознале револуционерните импликации на своите постапки, повеќето жени го забележале чувството на лична моќ како неизбежен резултат од нивната физичка активност. Физичката сила се противи на родови стереотипи, кои претходно ги ограничувале нивните активности и движења. Неминовно, овој напредок (закана) ја претставува самоодбраната како видлив и физички знак за новото политичко зајакнување.
Дискусијата околу женската самоодбрана разоткрива моќни митови за изворот на насилство врз жените и креира простор за помалку видливото насилство со кое се соочуваат многу жени во нивните домови. Преку обука за самоодбрана, жените ги демистифицираат патријархалните митови за својствената женска слабост, создавајќи нова слика за жените како моќни и самоуверени. Без оглед дали жените свесно посетувале часови по самоодбрана од овие причини, нивнита пракса во ова поле ја отелотворувала феминистичката политика. Она што авторката го пренесува како заклучок е дека иако нивната индивидуалната мотивација може да се разликува, нивното колективно дејство резултирало со импакт во дваесеттиот век, барајќи ослободување од стегите што ги спречувале жените да ги остварат своите права како граѓанки и човечки суштества.
…
Текстот на Сара Миленковска во целост прочитајте го на Медуза






