ЗХГ: Советот на Град Скопје дозволи наплата на паркинг во дивоградба што во Катастар се води како деловен простор
Мнозинството во Советот даде дозвола да се наплаќа паркирање во дивоградба, веројатно пост фестум легализирана по едно евро квадрат. Објектот за кој дадоа дозвола да наплаќа паркинг во имотен лист не се води како Е2 Катна гаража, туку се води како Б4 Деловни простории, велат од Зелен хуман град.

„Според Катастар објектот е во сопственост на Друштво за трговија и услуги „СКАЈ ПАРКИНГ“ ДОО Скопје, фирма основана на 9 мај 2024 година.
Во Планската програма од 2021 г. за Градска четврт И16, блок И16.03 што е последната објавена на веб-страницата на Општина Аеродром стои:
„предметниот опфат не е опфатен со ДУП“, земјиштето е на Република Македонија.
Ова значи дека објектот катна гаража бил изграден нелегално на државно земјиште, па сопственикот на нелегалниот објект финансирал ДУП да си го легализира и тоа му било дозволено од Општината. За да градиш објект легално, мораш прво да откупиш земјиште од државата, па да почнеш постапка за одобрение, а не обратно, како што бил случајот овде.
Прашања на кои никој од Градот не ни одговори:
Безбедна ли е дивоградбата за паркирање
Дали се загрозени луѓето што секојдневно ја користат, немајќи поим какви колосални пропусти се направени од институциите што ги плаќаме од наши пари да ги водат одговорно процесите имајќи го јавниот интерес како приоритет?
На која фирма што управувала со катната гаража пред „СКАЈ ПАРКИНГ“ ДОО Скопје, Советот на Град Скопје дал иста ваква дозвола?
Како градските сектори го дозволиле ова?
Дали некој од нас обичните граѓани би можел да врши некаква дејност во некој простор ако има имотен лист со сосем друга намена?
Чија е оваа фирма што се дозволува ваков пропуст со неусогласена категоризација во Катастар и ДУП да добие зелено светло од секторите кои за нас, обичните граѓани, се многу строги во спроведување на законите“, стои во објавата објави Скопје1.мк





