Жителите на Ново Лисиче со нов апел до Орце Ѓорѓиевски: Јасна насока или следуваат протести

Жителите на Ново Лисиче преку истоимената група повторно упатија апел до градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, барајќи јасна и прецизна насока за одложување на воведувањето на зонското паркирање во Реонски Центар.
Во реакцијата, граѓаните посочуваат дека и покрај изразената подготвеност за компромис од страна на градските власти, во последната објава нема конкретен одговор на нивното клучно барање – одложување на зоната во Реонски Центар сè додека не започне паралелна имплементација и во Ново Лисиче.
„Ве молиме за јасна и прецизна насока до ЈП ‘Градски паркинг’ за привремено одложување на зонското паркирање само во Реонски Центар, како и итно започнување со подготовка на теренот во Ново Лисиче“, стои во апелот.
Граѓаните бараат конкретни чекори – маркирање на паркинг-местата, поставување на соодветна сигнализација и истовремено воведување на зонското паркирање на двете локации, со цел да се избегне дополнително прелевање на проблемот од една во друга населба.
Во пораката потенцираат дека нивните барања не се политички мотивирани, туку произлегуваат од секојдневниот проблем со недостиг на паркинг-простор, кој, како што велат, може дополнително да се влоши доколку се продолжи со селективен пристап.
„Тоа се барањата на граѓаните. Очекуваме јасна насока за да имаме чиста слика сите“, порачуваат жителите, додавајќи дека решението постои доколку постои и разум.






