Злокобна тишина

Почитувани,

Многмина мудри луѓе велат дека времето лечи се, меѓутоа, со упокојувањето на Еуростандард банка, за која што викендов направивме помен од 40 дена од нејзиното носење во стечај, за мене одминатото време можам да кажам дека уште повеќе ме поттикнува да истраам во борбата за вистината.

Најпрво ќе кажам, а тоа е мое мислење, дека ниеден закон  не треба да биде над интересите на секој поединец во нашата држава, а со убиството на ЕСБ нанесуваме огромни штети, како финансиски така и психолошки кај голема група на граѓани.

Ќе повторам дека Народна банка направи смислено убиство на ЕСБ. Ќе ви ги наведам причините зошто е тоа така.

Најпрво, Народна банка не ги почитуваше процедурите за носење на банката во стечај, а постојат 4 основни алатки кои што Народна банка мора да ги користи за регулирање на банкарскиот систем во земјава, а тоа се:

1.РЕДОВНИ МЕРКИ

2.ВОНРЕДНИ МЕРКИ

3.АДМИНИСТРАЦИЈА, која стапува на сила доколку вонредните мерки не го дадат својот ефект, а треба да трае една година за да обезбеди можност на стабилизирање и функционирање на банката или носење во стечај.

4.ОДЗЕМАЊЕ НА ЛИЦЕНЦАТА односно СТЕЧАЈ, како крајна мерка спроведена од Народна банка, по искористувањето на сите предходно наведени мерки и активности.

Почитувани читатели, во случајот со ЕСБ, Народна банка ја користеше цело време само првата мерка, делумно втората, третата мерка воопшто не ја искористи и со четвртата мерка ја одзема лиценцата и ја уби ЕСБ.

За појаснување, со цел граѓаните, а и оштетените во ЕСБ ја дознаат вистината, а таа е пред стапувањето на вонредната состојба, поради пандемијата Ковид-19, адекватноста на капиталот на банката беше близу 7%.

Замислете, 7% адекватност на капитал, срозена од вонредната состојба и тенденциозноста на Народна Банка на по нивни критериуми на само 2 % адекватност за неполни 5 месеци. Има ли логика???

Многу е јасно дека Народна банка на чело со Гувернерката Бежоска, имала тенденција да ја ликвидира банката, покрај фактот што цела година ни беше ускратено правото да работиме со правни и физички лица, а тоа народски кажано значи дека банката живееше од вода и воздух.

Вонредната состојба траеше цели 97 дена, каде со закон ни беше забрането да вршиме принудна наплата на нашите побарувања, кои на месечно ниво со новиот Управен одбор во изминатите месеци се движеше меѓу 2,5-3,5 милиони евра.

За ЕСБ вонредната состојба за докапитализација на банката не важеше, за сите правни и физички лица во Република Македонија вонредната состојбаа важеше, единствено за ЕСБ и нас како акционери не важеше!. Прашувам ЗОШТО?

Сакал или не сакал одговорот ми се наметнува сам по себе дека Народна банка имала намера да ја однесе ЕСБ во стечај многу одамна, а во дадениов момент неможам да сфатам дали Гувернерката се водела од лични побуди или позади таа одлука стојат други интереси за кои таа одработила.

Почитувани, верувајте дека времето е фактор низ чија призма сите нечесни игри ќе излезат на виделина, само едно е прашањето колку време ќе треба и колку тоа ќе не чини сите нас, вклучувајќи ме и мене.

Почитувани, минаа 40 дена и досега не ми се јавила ниту една институција која ги брани интересите на граѓаните и дејствува во сферата на корупцијата и криминалот.

Од сите институции кои се занимаваат со оваа проблематика на мое инсистирање бев примен само од Антикорупциската комисија, ама замислете во полн состав на комисијата. Впечатокот што го однесов од таа средба, за жал не ми навестува ништо добро. Чувството дека во етерот тлее проблемот со ЕСБ е повеќе од јасен, но институциите кои со закон се задолжени да се занимаваат со оваа проблематика се во целосен молк.

Имам впечаток како да чекаат некој сигнал од високи структури, па да отпочнат со овој процес, но не сум сигурен дека тој сигнал ќе биде добронамерен, а самата тишина ми навестува дека ќе биде злонамерен.

Сега ќе ми дозволите да направам мала анализа меѓу мене и човекот со чисти раце.

Човекот со „чисти раце“ е бивш политичар и поранешен Гувернер на Народна банка, а јас сум стопанственик, поранешен пратеник во Собранието на РМ и поранешен Градоначалник на Град Скопје.

„Чистите раце” целиот свој животен век и својот лагоден живот го имаат поминато на плеќите на обичниот граѓанин во Република Македонија. При вака низок стандард во Македонија, “чистите раце” навистина имаат висок стандард. Јас, како стопанственик имам минато 27 години надвор од земјава, сум заработил и со сиот свој капитал сум се  вратил во сопствената татковина каде што сакав да го забрзам економскиот развоја на нашата земја и час поскоро Македонија да се приклучи кон високо развиените земји.

Тоа беше поводот што влегов и во сферата на општествено дејствување преку политиката, каде што впрочем цело време дејствуваа и „чистите раце”. Е,…сега…која е разликата меѓу нас двајца?

Тоје е човек кој не ја сфатил улогата на политичар која цел живот ја игра, а тоа е дека треба да му служи на граѓанинот и да работи во негов интерес. Стопанството или просто кажано бизнисот воопшто не го разбира ниту пак знае, бидејќи не сум сигурен, но претпоставувам дека во својот живот никогаш не се испотил вистински и со „чисти раце” да заработи корка леб. Да биде иронијата уште повеќе видлива, човекот во последната колумна на Плусинфо порталот се потсмева и навредува луѓе кои створиле дела зад себе.

Моите зборови дека ЕСБ е златна кокошка, тој ги иронизираше со пердуви. За жал стопанствениците од висок маштап гледаат бизнис и таму каде што политичарите од таков маштап како човекот со “чисти раце” неможе ниту да сонува.

Па, дали овој човек е свесен дека од вкупниот платен промет во РМ преку ЕСБ се вршеа 26%!!! на месечно ниво имавме од 1,4-1,6 милиони трансакции.! Дали е свесен дека договорот што го имаше ЕСБ со Македонски Пошти, потпишан на 20 години, дека сите експозитури беа водени од ЕСБ, а тоа се вкупно 340 експозитури на број!!! Заедно со Македонски Пошти бевме истурени правни субјекти за најранливата социјална категорија во РМ. ЕСБ и Македонски Пошти обезбедуваа егзистенција како правни субјекти, а уште повеќе и егзистенција за вработените во ЕСБ и Македонски Пошти. Повторувам 340 експозитури и 26% од вкупниот платен промет во земјава. Дали тоа нешто ви значи човеку???!!!

И сакам да споделам еден ноторен факт – јас вршејќи ги своите политички функции како пратеник во Собранието на РМ во период од 2002-2005 и Градоначалник на Град Скопје во период 2005-2009 не сум земал никакви надокнади кои по закон ми следуваа по основ на плата, патни трошоци, возило, шофер и слично. Напротив, сите тие трошоци сум си ги покривал и мојот ангажман го чувствував како моја обврска, а не како извор на приход или привилегија. Јас подарив на мојата држава и на моите сограѓани повеќе од 7 години волонтерска работа за доброто на државата и граѓаните.

Но, сакам да прашам што човекот со “чисти раце” одработил за нашиот граѓанин волонтерски? Најпрост одговор – НИШТО.

Почитувани, несакам да одам курбан, ќе се борам.

До каде ќе успеам верувајте не знам, меѓутоа ве повикувам да не бидете рамнодушни кон ова што се случува кон ЕСБ, бидејќи таа рамнодушност ќе ни се удри од глава и ќе нe втурне во нови нескани случувања кои ќе ја загрозат заедницата, а посебно поединецот, граѓанинот.

Делувајте и останете ми со здравје

 

Трифун Костовски.

Back to top button
Close