ЗНАМ предлага измени на Законот за семејството за пристап на посвоените лица до информации за своето потекло

Денес пратеничката група на Движење ЗНАМ поднесе предлог за изменување и дополнување на Законот за семејството кој се однесува на постоечката забрана за пристап до сите информации за посвојувањето, се наведува во соопштението од партијата.

-Ние со предлогот уредуваме во кои услови и во кои околности посвоените лица ќе имаат право да добијат информации за своето потекло. Зошто го направивме ова?

Со децении, тајност на посвојувањето претставува пречка за пристап до сите информации, дури и кога истите се од суштинско значење за здравјето на посвоеникот. Постојниот закон не предвидува никаков механизам за индивидуална проценка, ниту пак можност институции да ги разгледаат специфичните околности на секој случај. Потврдата за сегашниот проблем во законот имаме и од Европскиот суд за човекови права.

Во пресудата „Митревска против Македонија“ од 2024 година, Судот утврди повреда затоа што и бил целосно ограничен пристапот до информации кои и биле потребни заради нејзината здравствена состојба. Да бидеме прецизни, нашата држава има обврска да постапи по пресудата на Стразбур и да ги почитуваме европските стандарди и заштитата на човековите права загарантирани со Конвенцијата.

Со предложените измени ние не ја укинуваме тајноста на посвојувањето и не предлагаме пристап до сите податоци. Тајноста останува правило, а пристапот до информации се предвидува само во законски утврдена постапка и со одлука на стручна комисија, која ќе мора да ги оцени сите околности на секој поединечен случај и ќе ги штити правата на сите засегнати лица. Нагласуваме дека ова не конечен текст на закон, туку предлог со кој иницираме суштинска стручна и општествена дебата, порачуваат од ЗНАМ.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close