ЗНМ и ССНМ: Осуда за малициозното таргетирање на новинари и медиуми од Драган Павловиќ Латас

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) најостро ги осудуваат јавните објави на поранешниот уредник на една национална телевизија, Драган Павловиќ Латас, кој во изминатите денови преку приватна страница на социјалната мрежа Фејсбук таргетира новинари од неколку медиуми, злоупотребувајќи приватни фотографии од нивните профили и користејќи ги во своите објави.

Меѓу таргетираните медиуми се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), 360 степени, БИРН Македонија, како и други организации кои работат на заштита на човековите права.

Во неговите објави, Латас пласира неосновани обвинувања и теории на заговор, чија цел е дискредитација на новинарите и медиумите што професионално информираат за релевантни општествени прашања. Оваа стратегија на таргетирање и јавно стигматизирање на новинарите, кои добиле признанија на национално и меѓународно ниво за својата работа, во мандатите на различни влади, претставува сериозен напад врз слободата на изразување и независното новинарство во државата.

Посебно загрижувачки е што ваквата реторика не само што поттикнува говор на омраза, туку и доведува до сериозни закани кон новинарите, при што новинарките стануваат посебна мета на сексистички и мизогини напади во коментарите под објавите на Латас.

Освен ова, дел од заканувачките коментари под објавите на профилот на Драган Павловиќ Латас се од профили на социјалните мрежи на лица со криминално минато и контроверзни поединци, што ја зголемува загриженоста за безбедноста на новинарите што работат во овие медиуми.

Ги потсетуваме корисниците на социјалните мрежи дека загрозувањето на безбедноста на новинарите е кривично дело, исто како и ширењето говор на омраза, за што македонските судови имаат судска пракса за изрекување строги санкции.

Истовремено, ја повикуваме јавноста да препознае и осуди вакви обиди за дискредитација и загрозување на новинарите, а од надлежните институции – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство – бараме итна реакција и преземање мерки за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.

Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ)

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close