Зошто бегство од сопственото минато?
Се чини дека спотот што го лансираше Владата во предвечерието на големиот јубилеј од независноста на нашата држава, 8 Септември, кога државата треба да наполни 35 години, ја промаши поентата. Прво, нејасно е зошто спотот за 35 години независна Македонија односно Северна Македонија, е направен да биде аполитичен. Држава се гради со политика и избегнување на политиката е бегство од грешките, но и од успесите. Замислете странец да го гледа видеото по повод државниот јубилеј. Што тој ќе дознае за Северна Македонија од тоа видео? Ништо. Песни, рецитации, инсерти од спортски натпревари. Што зборува тоа за државата? Ништо. Ако тој спот, на пример, се пуштеше како наш промотивен спот на Си-Ен-Ен, тој ништо нема да кажува за државата. Која е Македонија, што постигнала досега, што претстои да постигне.

Спотот со таква содржина е бегство од себе. Дистанцирање од сопствената држава, од нејзините мани и предности. Секоја држава има свои „milestone”, или фази, достигнувања, пресвртни точки. Да се направи спот за 35 години самостојност, кој почнува одлично со секвенците со Глигоров и референдумот и осамостојувањето, со Кљусев и воспоставувањето на националната валута, без Охридскиот договор, без разлика дали тој ја унапреди или ја закочи Македонија, и без Преспанскиот договор и влезот во НАТО како клучен успех на државата, е несоодветно. И не само тоа, туку со таква содржина тој повеќе личи на партиски спот затоа што се испуштени некои важни историски настани во државата, кои партијата на власт не ги сакаше.
Затоа овој спот не е Северна Македонија, не е ниту Македонија, туку овој спот е бегање од содржината што нашата држава ја продуцираше во изминатите 35 години. Без разлика дали е таа добра или лоша. Не може да славиме 35 години држава со песни и ора и музички спектакли, а да не се осврнеме на минатото. Во тој спот, за жал, ја нема македонската приказна од 1991 до 2026.
ВИ одлично нѐ познава
Ја прашав вештачката интелигенција што мисли за нашиот државен јубилеј. Ми одговори дека годишнината не е само сеќавање од каде доаѓаме, туку е и прашање што сме изградиле, што сме изгубиле по патот и, можеби најважно, каква земја сакаме да бидеме во следните 35 години. Вели, Македонија го преживеа насилното распаѓање на Југославија без да западне во разорните војни што проголтаа делови од регионот. Разви свои институции и дипломатски идентитет. Стана членка на НАТО, зајакнувајќи го своето место во рамките на евроатлантската безбедносна архитектура. Го продолжи својот тежок пат кон членство во Европската Унија, и покрај фрустрациите, компромисите и пречките што го придружуваа тоа патување.
И вистина, вештачката интелигенција нѐ познава повеќе отколку што ние самите се познаваме. Затоа што тоа е отприлика личната карта на поранешна Македонија, денес Северна Македонија. Но таа не е презентирана во видеото кое го означи почетокот на празнувањето на 35-годишнината од самостојноста на нашата држава.
Вештачката интелигенција нѝ порачува и дека Северна Македонија помина премногу време од својата независна историја расправајќи за идентитетот, а премалку расправајќи за квалитетот на секојдневниот живот. И додаде дека патриотизмот не треба да стане замена за доброто управување.
„Една земја не станува посилна затоа што нејзините политичари зборуваат погласно за патриотизмот. Таа станува посилна кога нејзините институции се понезависни, нејзините училишта се подобри, нејзините болници се поефикасни, нејзините градови се почисти, нејзината економија е поконкурентна и нејзините граѓани се посигурни за утрешнината“, „изјави“ ВИ на оваа тема.
Реалноста не може да се скрие Овој мал експеримент со вештачката интелигенција не е само за тоа дали може технологијата да ги замени новинарите во човечки лик (според одговорите – изгледа дека може), туку е и показател дека ние, во случајов државата, може сами за себе да си мислиме штогоде и да се претставуваме дека сме врвот на светот, но некаде за нас ја има реалната слика. Некаде се складирани мноштво податоци за нас и за нашата држава. И лесно се достапни. Затоа е лош потег тоа бегство од фактите во владиното видео по повод 35 години самостојност на државата.
Накусо, можеме да се (само)залажуваме до бескрај, но тоа нема да ги промени фактите и историјата на самостојна Северна Македонија. 35-годишнината треба да биде повеќе од уште една церемонија исполнета со знамиња и говори. Треба да биде момент на национално освестување и време да се запрашаме дали градиме земја достојна за генерациите што ќе ја наследат од нас.
Соња Крамарска






