Зошто е сменето кривичното дело за кое се товари Артан Груби

Истрагата доведе до докази за друго дело, велат од ОЈО Скопје

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, еден од осумтемина обвинети во случајот „Државна лотарија“, се гони по член од КЗ, кој предвидува поблага казна.

Имено, според членот 354 од Кривичниот законик за проневера во службата, за што првично се товареше Груби, сторителот кој ќе прибави значителна имотна корист се казнува од најмалку 4 години до максимални 20 години затвор.

 

Со новиот член по кој се гони, доколку Обвинителството докаже вина кај Груби за злоупотреба на службената положба и овластување, казната е максимални 5 години затвор. Станува зборот за фамозниот член „353“, за кој медиумите анализираат дека теоретски остава простор за Груби да биде условно осуден.

 

Зошто обвинителството се премисли

Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека при одредување на правната квалификација во поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител се водел од доказите прибрани во текот на истражната постапка.

 

Доказите до кои дошло Обвинителството се разликуваат од првичните сознанија.

 

„Истрагата доведе до докази за друго дело. Јавниот обвинител не е обврзан со правната квалификација на поведената истрага или поднесената пријава. Обвинението се темели на доказите прибрани во текот на истрагата.“,

 

велат од ОЈО Скопје.

Судењето почнува на 24 август

Истиот ден кога Обвинителството соопшти дека поднело обвинение, Кривичниот суд одговори дека го прифаќа и закажа судење се десетина дена.

„Преку автоматска распределба предметот е распределен кај судијата Билјана Шуплиновска-Јовевски и тој е насрочен за 24 август во 10 часот“,соопштија од Кривичен.

Притоа, оттаму кажаа дека станува збор за обвинителен предлог, при што Груби би можел да остане во притвор најмногу уште два месеца.

 

Кога кон крајот на 2024 г. се отвори истражна постапка, Обвинителството соопшти дека вицепремиерот Артан Груби, иако знаел дека барањето за набавка на ВЛТ-терминали е противзаконско, оти Лотарија не може самостојно да приредува електронски игри на среќа, во својство на вицепремиер претседавал со седница на ладата во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка. На седницата била усвоена информацијата и „Државна лотарија“ била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали.

За проневера во службата тогаш беше осомничен и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами. Обвинителството бараше притвор за двајцата, додека за уште четворица осомничени за злоупотреба на службената положба се бараа мерки на претпазливост.

Сега, според обвинението поднесено вчера (13 август), вкупно 8 лица се гонaт како соизвршители за кривичното дело злоупотреба на службената положба. Меѓу нив е и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски. Обвинителството ги товари дека во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејствија со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности и со намера на „Државна лотарија“ ѝ нанеле штета од 8,2 милиони евра.

До Косово и назад

Инаку, Груби е дома од февруари, односно истиот ден кога се врати во земјава по повеќе од една година бегство од органите на прогонот. Претходно ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“.

Македонската полиција тогаш за него и за директорот Бајрами распиша меѓународна потерница.

Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера го нарече политичко обвинението против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Реагираат за долгата истрага, од која велат дека не произлегле докази.

„Изразуваме сериозна загриженост поради поднесувањето политичко обвинение за индивидуална одговорност која произлегува од колективна одлука. По две години истрага, јавноста заслужува да знае врз кои конкретни докази и аргументи се заснова едно вакво обвинение“,реагираа од ДУИ. (360Степени)

Back to top button
Close