Зошто Мицкоски не зборува за ревизија на работењето на неговите градоначалници, прашува Филипче
Ако некој го прекршил законот, треба да одговара. Секојдневно слушаме закани од премиерот дека се прават анализи, но никаде не се спомнуваат градоначалниците кои речиси четири години се на власт, туку заканите се упатени кон припадници на другите политички партии. Ова го кажа лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан дали има страв кај поранешни функционери од кривично гонење.
„Да се анализира работата само на припадници на една политичка партија, тоа е строга партиска политичка селективност. И веќе навлегува во фаза на политички прогон, на најава за политички прогон. Се прават комисии во различни министерства, и од внатрешни и од надворешни луѓе, за коишто имам информации дека ништо не можат да најдат. Се анализираат постапки, се анализираат тендери, се најавуваше некаков епски криминал… сè заврши со некои потрошени 200 евра од картичка поради изгубен багаж коишто после се вратени во буџетот. Така што, мислам дека Христијан Мицкоски прави опасна, иницира опасна тенденција“,коментира Филипче.
На забелешката дека по промената на власта во 2017 година, Владата предводена од СДСМ и ДУИ, исто така, влезе во проверка на тоа како работеле претходните функционери, како и дека за таа влада се појавија случаи за потенцијална корупција и криминал, кои останаа без институционален одговор, Филипче вели:
„Да не ме разберете погрешно. Aпсолутно да се истражи сè што е сомнително и да одговара секој што го прекршил законот. Меѓутоа, најави и упад во судството на овој начин на којшто сега Владата го прави, со тенденција да се влијае на работата на независни судски и обвинителски органи, според мене, е најава само за партизација на судството. Имаше најава дека ќе се прават реформи, ние имаме пат по којшто реформите во правосудството треба да одат, а се резултат на Оценската мисија на Европската Унија. Тие забелешки се влезени во Реформската агенда, во Планот за раст и тоа е патот по којшто ние треба да одиме за да се реформира правосудството“.
Тој рече дека СДСМ ќе поддржи секаква реформа во правосудството во којашто ќе бидат вклучени странски чинители коишто учествувале во различни реформски процеси, инвестиција во едукација на луѓе што работат во правосудството и слично.
Воедно, тој ги негира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, која низ неколку прес-конференции обвини дека Филипче пријавил повеќе имот сега како пратеник отколку како министер, па дополнува:
„Единствена разлика за којашто станува збор е начинот на којшто имотот се пријавува во Државната комисија за спречување на корупција. Три станбени единици по новиот начин на пријавување, исто како што би биле и тогаш во тој период, се пет или шест имотни листови. За тоа станува збор. За некои заеднички простории согласно катастарските правила. Вкупната квадратура којашто е пријавена како мој личен имот е идентична. И јас тука немам што да кријам, го соопштив тоа во јавноста и ќе очекувам тоа да го соопшти и ДКСК.“
На прашањето зошто во анкетниот лист нема пријавено автомобил каков што вози, тој одговори дека возел различни автомобили за време на изборите, дека сега не поседува свој зашто го продал, па користи службено партиско возило. На дополнителното прашање – дали не вози „ауди кју осум“, тој одговори – не.