Зошто надворешната политика на владата на ДПМНЕ е анти-национална и стана ‚‚тажната приказна” на Балканот

Се потврдува, драги мои, идејата која сме ја повторувале многу пати, дека ВМРО-ДПМНЕ нема надворешна политика ниту било кога имало. Таа партија, независно од изборната поддршка, паразитира врз политиките на македонските леви и центристички партии од осамостојувањето до денес и само прашање е нивото и длабочината на штетата и срамот, понижувањето и подбивот до кој ќе ја донесе државата во својата неспособност, тотално аутсајдерство и незнаење. На ова место секогаш се надоврзуваат конспиративните погледи (кои веќе и не се толку конспиративни) дека таа и таква политика на обезглавување на Македонија е сепак свесна политика на оваа партија со која понижената, исфрлена на маргините Македонија во Регионот, Европа и светот останува неинтересна за никого освен за крчмење и глодање на настрвената дпмневска булумента во внатрешната политика или како и да се вика таквата општа ентропија.

Треба да ти недостасува сериозно нешто да дозволиш земјата да ти пропадне на овој начин пред твоите очи и за време на твоето ‚‚владеење”: од земја лидер на Балканот во неколку наврати во реформите и евроинтеграциите; од лидер во инклузивноста на една сложена, да не кажам херојска мултикултурна демократија и решавање на конфликти и спорови со соседите и внатре кај себе; од земја која се наметна како лидер од Балканот во меѓународните организации со нивото на заштита на човековите и малцински права, правата на ранливите групи и политиките на преговарање; отвореност кон меката експертска помош однадвор ( САД и ЕУ најчесто); од земја чии внатрешни и договори со соседите се нудеа како модели за пошироко решавање на конфликтите во Регионот и Европа – да ја дотераш земјата да биде означена како една од ‚‚тажните приказни на Балканот” значи дека оваа партија има сериозна ДНК грешка во себеспознанието и нејзините влади се постојано анти-национални чинители. Такви ќе останат запаметени што и да се обидуваат да сторат со евтините пропагандистички машинерии кои ги злоупотребуваат.

Една од таквите пропагандни злоупотреби е постојано да отфрлаат од себе одговорност за дебаклот кој и го сторија и го прават на Македонија и да обвинуваат други.

Најчесто политичари кои завршиле најголема работа за земјата на тој план како Глигоров, Заев и сл. Нив да ги држат како репер на наводната ‚‚понижувачка” надворешна политика наспроти дпмневската, која веројатно ја ценат како ‚‚достоинствена”?

Не знам дали разбирате дека не можете да оцените нешто како достоинствено ако тоа нешто не постои, го нема ! Вашето ‚‚што-и-да-е” во надворешната политика доби толку срамни оценки и понижувања, толку ниски рангирања, дисквалификации и грофтачки пропаѓања – што само во последната биртија на мариовскине села, запиени вмровци можат да пеат нешто како ‚‚ им ебавме мајката на сите самозапалувајки ја Македонија … и сл. теми од нашиот бит .

ДПМНЕ е катастрофа на еден посебен начин: имено тоа е партија-актер со потисната вина за обидот за “државен удар на 27 Април” и насилството во обидот за спречување на демократската транзиција на власта. Нивни функционери беа обвинети, некои осудени, а некои членови и симпатизери лежат затвор сè уште. Таа вина трансферира во агресија кон симболите на тој фундаментален грев во демократијата (пред сè Заев , кој со сите негови “одозгора на тога” за нив е ‚‚Кип слободе у Њујоршкој луци” што би рекол Алан Форд) во обид да се прецрта историјата, белото да се направи црно, демократите да се сторат предавници, одговорните политичари и воедно вистинските патриоти да се престорат понижени мивки пред светот. Секоја изјава од посети во странство кои се во основа празни и ја оцртуваат единствено Орбано-Вучиќевата фасцинација на Лидерот, завршуваат со психијатриски изјави кои го искажуваат тој вина-грев бином: бидете спокојни ние достоинствено Ве претставуваме, жестоко се бориме ???? и слични греоти!

ДПМНЕ стојат во депресија/агресија пред сртовите и темелите на надворешната политика на Македонија, нејзиниот Ерос кого го сторија принципите втемелени и реализирани од неколку политичари (учествуваме повеќе, но не со иста тежина ) меѓу кои клучни се Глигоров, на почетоците и подоцна на истата линија Трајковски и Заев во финалето или претфиналето на Македонското внатрешно и регионално/интернационално ослободување од вистинските “пранги” на конфликти, спорови, не препознавање и невидливост (мирно осамостојување, влез во ООН, Охридски договор, договори со соседите Преспа и сл, НАТО членство и процес кон ЕУ членство).

ДПМНЕ е ИД-от на тој Ерос на политиката , неговата дупка, забрефтано ништо. Барем да беше некој Дионис на таа политика, што Љупчо Георгиевски во краток блесок ветуваше. Но не, сепак премногу вистини беа на страна на политиката на големиот политички параход – Глигоров, со сите негови мани и компромиси.

Не може да се разбере како интергалактички глупаво Владата на ДПМНЕ ја здроби работата со Бугарија, давајќи и на Македонија автогол со пета, ако не се земе предвид оваа методологија на неправење/немање ништо освен грев/вина/агресија пристап!

За верување е Борисов, како познат бодигард, кој може да оцени опасност од налет на куршуми од глупости и да не остане во сала да ги слуша.

Невозможно е да се разбере како некој со минимална памет и не-дај-боже национален инстикт – не може да сфати што значи да го сториш бугарскиот народ малцинство во својот Устав и конечно и неповратно да го решиш нивното напаѓање дека сме ист народ во две држави(???) И тоа замислете Бугарите сами тоа го прифаќаат како задоволително решение во т.н.Француски предлог (или други им го скроиле не е сега важно воопшто): дека се малцинство (и тоа маргинално по пописот) кај друг народ кој е различен од нив и е мнозински во својата држава.

Алооо, ниту најглупавата конспирација не може да ја оправда или надвладее оваа неумитна логика на триумф на ‚‚Македонизмот” кој ДПМНЕ го испушти/упропасти .

Сепак се покажува дека има таква хтонска , мракобесна глупост: вмровската самоубиствена логика за пропаѓање низ патриотски ора и песни што ни ја направија наша судбина. Лидерството наводно заклучило да не се споменува “Бугарите во Уставот” бидејки ќе изгубеле 200.000 гласа, бидејки 82% од Македонците биле против. Во теоријата на забеганиот националистички популизам тоа се нарекува синдром на ‚‚јавање на змеј‚‚: можеш да се качиш на грбот на ѕверот кога спие, но кога ќе се разбуди ке одиш/леташ кај што оди/лета тој, не можеш да се симнеш од неговиот грб бидејќи ќе бидеш изеден. А тоа во конкретниов случај значи: не го подигај туку контролирај го национализмот и националните омрази кон Бугарите (ДПМНЕ ги подигна на најсилно за да ги победи СДСМ), сега не може да го контролира националистичкиот сентимент (колку ирационален тој да е) бидејки ќе изгубел гласови.

Ете, драги мои, тоа е таа глупава политика или таква која не знае да се води. Тоа е таа разлика од моќни лидери и политичари со само – одговорност и визија од други, кои Србите ги викаат ‚‚сецикеси‚‚!

Љубомир Фрчкоски

 

 

Back to top button
Close