14-годишно дете се бори за живот откако беше избодено во основно училиште во Скопје
14-годишен ученик се бори за живот во Клиничкиот центар откако вчера бил избоден од друг 15 годишник додека бил на училиште во Основното училиште „22 Ноември“, односно 25 Мај по старо, во скопската населба Ченто.

Во Клиниката велат дека ученикот бил донесен вчера околу 14:40 часот со убодна рана во стомакот и расекотина на главата.
„Веднаш по приемот е направена компјутерска дијагностика, лабораториски анализи, при што е установено дека има повреда на црниот дроб, на вена кава инфериор, значи во стомакот. Примен е на интензивно лекување на КАРИЛ, поставена индикација за итна операција, опериран во текот на вчерашниот ден. Состојбата е стабилна но сè
уште е во животна опасност“, вели за телма доктор Игор Мерџановски од Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
Полицијата соопшти дека напаѓачот бил уапсен откако со остар предмет нападнал ученик во основно училиште во Општина Гази Баба.
„Вчера во 14:50 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 15-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од општинско основно училиште на подрачјето на Гази Баба, дека пријавениот влегол во училиштето и со остар предмет му нанел тешки телесни повреди на 15-годишен ученик во училиштето. Предметот е одземен и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава“, вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
На телефонските броеви оставени на интернет страницата за училиштето не се јавува никој. Директорката на училиштето ни спушти слушалка кога ја побаравме на мобилниот телефон.
Градоначалникот на Гази Баба на Фејсбук напиша дека со жалење и сериозна вонемиреност ја примил информацијата за инцидентот. Напаѓачот бил поранешен ученик кој лани завршил во училиштето, а нападнатото дете било деветто одделение.
Ова е трети сличен инцидент за неполна година. Пред дваесетина дена малолетник беше избоден од соученик во основно училиште во Арачиново. Во октомври минатата година, 17-годишник избоде 15-годишен ученик во школски двор во Кичево (telma.mk)






