360- Предистрага за надзорот над „Бехтел и Енка“: „Расипан телефон“ меѓу ЈО и МВР
Од ОЈО за ГОКК велат дека уште во 2024 година имаат испратено наредби до МВР во врска со предметот кој го водат за тендерот, но од полицијата немаат одговор. Од полицијата велат дека работат на случајот и кога ќе завршат ќе ги пратат информациите
Во меѓувреме, фирмата која има најголем удел во надзорот го сменила своето име од „Електра солушнс“ во „Аксион“, а во сопственичката структура, без надомест, влегло лицето Бојан Савески. Тој е присутен во компаниите на семејството Ампови од 2021 година, но претходно, меѓу другото, бил советник во Општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2013 година и своевремено претседател на месен комитет во истата општина. Савески за „360 степени“ вели дека одлуката за негов влез во сопственичката структура е донесена исклучиво врз основа на доверба, професионален капацитет, оперативно управување и придонес во развојот на компанијата.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, а и во првите месеци откако дојде на власт, врвот на партијата го напаѓаше тендерот за надзор и поединечно ја издвојуваа „Електра солушнс“ во своите настапи. Лидерот Христијан Мицкоски во 2023 година изјавуваше дека лично ќе се занимава со набавката
Изминаа три години од нашата серија истражувачки стории во кои, слој по слој, откривавме – како фирма што до тогаш беше специјализирана за шиење долна облека стана главна алка во надзорот над изградбата на автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“.
На пример, услугата за секој геометар ќе се наплаќа по околу 5 600 евра месечно. Секој надзорен инженер ќе чини по 8-9 000 евра месечно, додека месечниот трошок за главен надзорен инженер е 20 000 евра. објавивме, меѓу другото, во март 2023 година.
Кога со свои, кога користејќи ги сознанијата што први ги објавувавме, јавниот притисок го засилуваше тогашната најголема опозициска партија.
Овој криминал сега може да се стави под тепих и тие луѓе коишто се учесници и оваа фирма за долна облека, којашто се пријавува како надзор на овој капитален проект, треба да им е јасно дека за месеци од денеска лично јас ќе се занимавам со овој проект, односно со оваа јавна набавка“,изјави Христијан Мицкоски, тогаш претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на 18 март 2023.
Што поради сториите на „360 степени“, што поради притисокот од другиот дел на јавноста, Јавното обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата отвори предмет на 28 март 2023 година.
Што се случи во меѓувреме? Обвинителството сега обвинува дека МВР не постапува по нивните наредби. А, во сопственичката структура на поранешната фирма за долна облека влезе лице кое, меѓу другото, било локален функционер на ВМРО-ДПМНЕ во минатото.
Целото истражување до каде е овој случај на новинарот Александар Димитриевски ТУКА






