360 Степени: (ФАКСИМИЛ) Лично царот Сакскобурготски дал согласност за името на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид

Лично Симеон Сакскобурготски, син на Цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, познат во тамошната јавност како Царот, ја дал согласноста за здружението во Охрид да го носи името на неговиот татко. Писмената согласност од Симеон Сакскобурготски е дел од документите со кои Централниот регистар го впишал Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ Охрид, а во кои „360 степени“ имаше увид. Станува збор за јавно достапни документи што може да ги добие секој граѓанин ако поднесе соодветно барање и плати надомест според тарифникот на Централниот регистар.

Ова е факсимил од изјавата на Симеон Сакскобурготски адресирана до Томе Блажески, кој подоцна станува претседател на Здружението од Охрид:

Со оригиналната изјава е приложен и нејзин превод од бугарски на македонски јазик од судски преведувач од Скопје.

„Почитуван г-н Блажески,

Со интерес дознав дека вие и вашите истомисленици сакате да основате културно-просветно друштво во Охрид. Ви благодариме за иницијативата ова друштво да го носи името на мојот татко цар Борис III. Вашиот предлог ме трогна и секако дека ја имате мојата согласност и мојата поддршка.

Мило ми е што знам дека младите како вас имаат време и желба да се зафатат и со оваа задача, така што ќе се зачува во историската меморија.

Ви посакувам успех во вашиот напор и се надевам цека ќе се видиме еден ден“ пишува во преводот на изјавата од Симеон Сакскобурготски.

На писмената согласност стои датумот 14 октомври 2021 година. Здружението е основано на 9 ноември 2021 година, пријавата во Централен регистар е поднесена на 16 ноември, а е одобрена на 17 ноември 2021 година.

На изјавата и во другите документи никаде не фигурира името на Симеон Сакскобурготски, но посредно може да се дојде до заклучок дека станува збор за него, со оглед на тоа што согласноста е испечатена на меморандум на кој стои Дворец Врана, резиденција на бугарското кралско семејство, а го има и карактеристичниот потпис на поранешниот бугарски цар и премиер.

За споредба, препознатливиот потпис на Сакскобурготски е во логото и на неговата официјална интернет-страница:

Инаку, Симеон Сакскобурготски, едно од двете деца на Цар Борис Трети, е роден 1937 година во Софија. По смртта на татко му, од 1943 до 1946 е бугарски цар – Симеон Втори, по што ја напушта Бугарија. Се враќа во 2001 година и станува активен во политиката. По победата на изборите во 2001 година, застанува на чело на Владата. Премиер е до 2005 година. На изборите во 2005 г., кандидат за пратеник од листата на Движењето „Симеон Втори“ е и подоцнежниот бугарски премиер и се уште актуелен лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов

 

 

Back to top button
Close