Сите денешни дојави за поставени бомби се лажни, потврди МВР

Една полициска станица, два трговски центри, Транспортниот центар и повеќе средни училишта во Скопје беа дел од објектите што утринава на своите електронски адреси добија закани за поставени бомби
Сите дојави за поставени експлозивни направи кои денеска пристигнаа на електронските адреси на повеќе училишта, трговски центри, полициска станица и во Транспортниот центар во Скопје се лажни, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму информираат дека веднаш по добиените пријави преземени се мерки за безбедно евакуирање на објектите и извршени се детални проверки од антитерористчки тимови.

„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта и други објекти во Скопје, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,

се наведува во соопштението од МВР.
Една полициска станица, два трговски центри, Транспортниот центар и повеќе средни училишта во Скопје беа дел од објектите што утринава на своите електронски адреси добија закани за поставени бомби, информираа денеска претпладне за „360 степени“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според информациите на МВР, заканувачките пораки за поставени експлозивни направи стигнале на мејловите на Трговскиот центар „Ист гејт“, Трговскиот центар „Бисер“, станбено-деловниот комплекс „Флатрон“, полициската станица Центар, како и Транспортниот центар.

Дојави за поставени бомби утринава добиле и седум средни училишта во главниот град.

Back to top button
Close