Димова- Очекувам антикорупциска и господинот Бајрами јавно да ми се извинат за нарушување на угледот

По повод обвинувањата на Државната комисија за спречување на корупција која информираше дека отворила предмет по анонимна пријава за злоупотреба на средтсва од фондови од ЕУ од европските програми како Еразмус плус, Еуридика од страна на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, таа вечерва реагираше преку својот ФБ профил:
Денеска, 2 октомври 2020 година, членот на ДКСК, г-от Нури Бајрами даде непримерна и, пред се, неточна изјава за мене што се гледа од прилогот погоре.
Ве информирам дека наводите на г-от Бајрами се неточни, односно полуточни. Точно е дека има кривична пријава до Јавното обвинителство, но таа е доставена од страна на Националната агенција, а неточно е дека Министерството за образование и наука се изјаснило дека имало пропусти во работењето на институцијата која секоја година е предмет на надворешна ревизија согласно европските правила.
Изненадува и фактот што г-от Бајрами дури се дрзнува да наведува бројки за наводни договори склучени на незаконски начин.
Ваквите изјави се доказ дека Бајрами воопшто не ја разбира дејноста на Националната агенција – да склучува договори и да промовира мобилност и соработка во областа на образованието, младите и спортот ширум Европа и светот.
Имено, фактите се поинакви. Националната агенција веднаш штом забележа незаконско благајничко работење презеде акција, зашто верува дека криминалот не смее да остане неказнет. До денес се доставени две кривични пријави во ОЈО (засега), а повеќемина вработени и ангажирани лица вклучени во овозможувањето на ова дејство мораа да се соочат со дисциплински постапки, па дури и откази.
За преземените акции, благовремено се информирани Министерството за образование и наука (како национална власт), Европската комисија (Генералниот директорат за образование култура и млади), како и Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Дозволете да ве потсетам и на еден друг факт – во неколку наврати јас лично информирав на прес-конференција, па дури и во другите медиуми, дека има злоупотреба на грантовите кои ги давала Националната агенција во претходниот период и таквиот криминал е тежок 2,2 милиони евра. Соодветна кривична пријава е доставена за злосторничко здружување во ОЈО минатата година.
Затоа, не можам да сфатам како може информациите од типот „рекла-казала“ да имаат поголема вредност за ДКСК од кривичните пријави доставени во ОЈО во делот за организиран криминал и корупција.
Од тие причини очекувам ДКСК и г-от Бајрами да ми се извинат јавно за нарушување на угледот на институцијата што ја водам, но и за дефамација на мојот углед.
Конечно, сакам да ве уверам дека Националната агенција е отворена институција и секогаш ќе ви биде на располагање доколку сакате да истражите какво било дејство.
Во надеж дека ќе добијам јавно извинување благовремено, ве поздравувам вели во реакцијата преку својот ФБ статус Лидија Димова






