Координативен состанок на претставници на институциите и Општина Крива Паланка за надминува на проблемот со кравите

Општина Крива Паланка соопшти дека денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржал координативен состанок со претставници на надлежните институции и општината за усогласување на заедничките чекори за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот на територија на општината. Разговорите, како што се посочува, биле насочени кон координација на надлежните институции и усогласување на натамошното постапување, заради заштита на безбедноста, здравјето и имотот на граѓаните, а ќе продолжат утре.
На состанокот присуствувале министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Јовица Андовски, директорката на Агенцијата за управување со одземен имот Ирена Илиевска, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, претставници на Министерството за внатрешни работи и национален координатор од Владата.
Од Општина Крива Паланка присуствувале градоначалникот Сашко Митовски, командантот на Општинскиот кризен штаб, како и претседателот на Советот на Општината, Миле Трајковски.
– Разговорите и координацијата продолжуваат и во текот на утрешниот ден, со цел усогласување на заеднички став и утврдување на следните активности. За исходот од разговорите и договорените чекори, граѓаните и јавноста ќе бидат навремено информирани, соопшти попладнево Општина Крива Паланка.






