Вархеји: Не би драматизирал околу македонско-бугарските несогласувања
Јас не би сакал да драматизирам околу македонско-бугарските несогласувања. Иако ова прашање е мошне сериозно. Вака, денеска еврокомесарот Оливер Вархеји ги коментираше несогласувањата меѓу Скопје и Софија, на новинарско прашање дали ЕУ ќе посредува во нивно надминување.
„Јас само можам да го повторам тоа од вчера, дека од интерес на Бугарија и на РСМ е да најдат решение за овие прашања, бидејќи без брзо да се разјаснат тие недоразбирања на тие работи ќе е тешко да се придвижат работите. Ова е моментот да се постигне договор“, рече Вархеји.
Тој, исто така, не одговори дали Бугарија е осамена во ваквите барања или има и други земји членки што го мислат истото. Само рече дека процесот на преговори е веќе познат и мора да се добие согласност од секоја земја членка, но се надева дека ќе може да се продолжи според планот – во рамки на германското претседателство да се одржи првата меѓувладина конференција со РСМ и Албанија.
Во тој контекст само повика на трпение и да ѝ се остави простор на дипломатијата.
„Јас сум свесен за чувствителноста и би ве замолил за трпение и да се остави дипломатијата да функционира, како што беше со Преспанскиот договор и слични и сериозни прашања. Да веруваме дека добрососедските односи меѓу РСМ и Бугарија ќе донесат решение – рече Вархеји.