По критиките кон Јанша, словенечката Влада го запре финансирањето на новинската агенција СТА
Словенечката Влада го суспендираше финансирањето на националната новинска агенција СТА, која ја критикуваше работата на конзервативниот премиер Јанез Јанша.
– Не можеме да ја финансираме СТА или да потпишеме нов договор за 2021 година, рече шефот на владината прес служба Урош Урбанија пред новинарите, објаснувајќи дека раководството на агенцијата не доставило сметки до Владата. Агенцијата основана во 1990 година, досега беше финансирана со два милиони евра годишно.
Директорот на СТА, Бојан Веселиновиќ, за државната телевизија изјави дека ги дал сите потребни информации, но одбил да даде информации за вработените и уредничката работа.
– Ако се согласам да им објаснам колку е долго некое интервју или извештај или зошто уредник и 21 новинар потпишале некаква изјава, јас ќе го прекршам законот за медиуми, додаде тој.
Набрзо по стапувањето на функцијата во март, словенечкиот премиер Јанез Јанша преку Твитер ги критикуваше медиумите кои го доведоа во прашање неговото лидерство во борбата против епидемијата на коронавирус, пренесува Н1.
Јанша тогаш ги обвини медиумите за ширење лажни вести и за служење на интересите на опозицијата.
Во октомври, Јанша, исто така на Твитер, оцени дека СТА е „национален срам“, бидејќи таа агенција дала повеќе простор на музичар кој ја критикувал Владата, отколку на средбата што тој ја имал со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Здружението на словенечки новинари остро ја осуди одлуката за запирање на финансирањето на новинската агенција.
„Очигледно се работи за нов обид за уништување на националната новинска агенција, која е еден од столбовите на непристрасното и квалитетно информирање“, велат од здружението, додавајќи дека вакво нешто веќе е видено во Унгарија.
Во денешниот коментар на словенечкиот весник „Вечер“ се посочува дека не е за изненадување што Владата вложува повеќе напори за контролирање на медиумите, отколку за запирање на епидемијата на коронавирус.