Републиканецот Стерлинг од Џорџија до Трамп: Ова мора да запре! (видео)
Републиканецот Габриел Стерлинг, менаџер за имплементација на гласачкиот систем во Џорџија, синоќа се обрати до претседателот на САД, Доналд Трамп, зошто не ги осудил заканите со насилство против вработените во избирачкиот процес во државата.
-Ова мора да запре!, изјави тој на брифинг оддржан синоќа во државниот Капитол во Атланта.
-Претседателе, не ги осудивте таквите акции или таквиот јазик, рече тој, додавајќи дека изборите во САД се „р’бетот на демократија, и сите вие кои не рековте никаков проклет збор, учествувате во злосторство“.
Трамп и неговите соработници веќе со недели испраќаат пораки за наводна неправаилност на избирачкиот систем во Џорџија, со намера да се преиначи резултатот кој, засега неофицијално, е во полза на демократскиот противкандидат Џо Бајден.
Како што властите во Џорџија најавуваат скоро официјализирање на победата на Бајден, така притисокот од страна на претседателот да се поништи резултатот станува сѐ поголем. Трамп вчера повторно твитна за изборите во оваа држава, дека таму бил „измамен“, и го повика гувернерот Брајан Кемп да ги „откаже“.
Стерлинг претходно откри дека примал закани за него и неговото семејство, и дека слични закани добивал и неговиот надреден, Бред Рафенспергер, државен секретар на Џорџија.
-Претседателе, се чини, дека ја загубивте државата Џорџија. Треба да истапите и да повикате да запрат повиците за можно насилство. Врз некого може да се пука, некој може да биде повреден, некој може да биде убиен. И тоа не е правилно, рече Стерлинг.
Тој ги повика и двајцата републикански кандидати за сенатори од Џорџија, Дејвид Пердју и Кели Лофлер, да го осудат речникот на омраза. Од друга страна, двајцата се лојални на Трамп и побараа оставка од Рафенспергер