Димитриевски се оградува од Бучковски и го обвинува за велепредавство

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, оцени дека чин на велепредавство е настапот на поранешниот лидер на СДСМ и премиер Владо Бучковски, кој во својство на специјален претставник за Бугарија говореше дека Македонците и Бугарите се еден народ во две држави и ги повика нашите историчари да излезат од рамките на историографијата на поранешната држава.

„Обидот на мала врата да се пласираат теориите дека за бугарската страна е прифатливо дека Македонскиот народ постои од 1944 година е само потврдување на тезите дека ние сме вештачка творевина. Ваквите изјави се спротивни на македонските национални интереси и позиции, воедно спротивни и на Уставот и неговата Преамбула која се повикува на актите на Крушевското востание, АСНОМ и Референдумот од 91-ва“, пишува Димитриевски на фејсбук.

Тој додава дека во историјата на Македонија ваквите тези ги користеле изолирани поединци претставени од врховистичката пропаганда предводена од Ванчо Михајлов.

„Денеска во 21-ви век тоа го слушаме од Бучковски, поранешен премиер исклучен од редовите на СДСМ, човек кој во партијата се обиде идеологијата да ја замени со клиентелизам, лојалност и интриги. Како долгогодишен и активен социјалдемократ јавно се оградувам од ваквите изјави кои ги сметам за лични и погрешни и во ниту еден момент не можат да добијат суштинска поддршка од мене а верувам ниту од членството а најмалку од јавноста“, посочи Димитриевски.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close