Во Италија, првпат, рекорден број излекувани од коронавирус за еден ден

Италијанските медиуми како прва вест, првпат од почетокот на пандемијата со Ковид-19, го наведуваат рекордниот број пациенти кои се опоравиле од коронавирусот – 38.740 лица за еден ден.

Дневниот весник „Авенире“ пишува дека во моментов 761 илјади луѓе се позитивни на вирусот, од кои повеќето се во домашна изолација.

Втора недела по ред се намалуваат сите параметри кои ја покажуваат епидемиолошката состојба, што се толкува како последица на многу строгите владини мерки што се на сила во тој период.

Според најавите, Владата има намера да ги задржи строгите мерки со цел да спречи собирања и патувања за време на претстојните празници.

Новите мерки стапуваат на сила утре и ќе траат до првата недела од јануари.

Бројот на смртни случаи се намалува, но, сепак, се уште е голем.

За 24 часа, починаа 684 лица, повеќето од нив во северниот регион Ломбардија, кој е на прво место во Италија според бројот на заразени и починати од почетокот на пандемијата. 

Back to top button
Close