Битиќи: Инвестирањето во човечкиот капитал е подеднакво важно како и капиталните инвестиции
Инвестициите во човечки капитал се подеднакво важни како и капиталните инвестиции. Верувам дека инвестирањето во луѓе е од витално значење за благосостојбата на општеството и за градење на посилна економија, истакнал вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на отворањето на 12. годишна конференција за управување со човечки ресурси организирана од Македонската асоцијација за човечки ресурси.
На конференцијата, што денеска и утре се одржува преку видео-конференциска врска, вицепремиерот Битиќи оценил дека инвестициите во областа на човечките ресурси се инвестиции во визијата на земјата и имаат директно влијание во економскиот раст, социјалната благосостојба и демократскиот развој на секоја држава.
– Оваа година беше многу предизвикувачка, особено за менаџерите за човечки ресурси. Нема сомнение дека пандемијата го постави човечкиот капитал како приоритет број еден во скоро секоја организација во светот. Исто така, несомнено е дека Владата на Република Северна Македонија има приоритет на развој на човечкиот капитал, со грижа за луѓето, со охрабрување на компаниите да се грижат за своите вработени и со градење на општество кое се грижи едни за други. Ова е единствениот начин да се издржат лошите времиња и да се направи добрите времиња да траат подолго, нагласил Битиќи.
Тој, како што пренесува неговиот Кабинет, посочил дека пандемијата предизвикала потреси и направила притисок за реструктурирање на процесите во многу области.
– Тешките времиња се дизајнирани да не направат посилни и да не направат помудри, но исто така тешките времиња ни даваат можност да растеме, да откриваме и да се менуваме. Без оглед како се менуваат околностите, една работа секогаш ќе остане вистинита – нација која научила дека најважно е да се грижиме едни за други, може да надмине било што, порачал Битиќи во обраќањето на конференцијата.
На свеченото отворање на конференцијата се обратил и претседателот на Светската федерација за луѓе Боб Мортон и претседателот на Македонската асоцијација за човечки ресурси Дарко Петровски.