Во поликлиниката во Шуто Оризари нов пункт за брзи тестови за коронавирусот

– Во поликлиниката во Шуто Оризари од следната недела ќе почне да работи пункт за тестирање со брзи антигенски тестови за коронавирусот. Матичните лекари ќе можат да закажат термини за тестирање веќе од понеделник. Од среда ќе почне тестирањето и ќе се одвива секој ден од понеделник до петок во прва смена, информираат од Министерството за здравство.

– На пунктот ќе се изработуваат по 30 теста дневно, а тестирањето ќе го врши лаборант, кој помина соодветна обука за земање брисови за брзи тестови. Во Скопје досега имаше шест пункта за брзи тестови и тоа во поликлиниките во Ѓорче Петров, Чаир, Ченто, Бит Пазар, Јане Сандански и Млин Балкан. На овие пунктови дневно се прават по 360 тестирања, соопштуваат од министерството.

Тестирање со брз тест може да закаже единствено матичен лекар и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритмот, односно има симптоми на вирусот Ковид-19, не повеќе од пет дена.

– Алгоритмот за брзо тестирање е од Светската здравствена организација, а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали тој ќе се тестира со ПЦР тест или со антигенски – брз тест. Брзите тестови се бесплатни за граѓаните, потенцираат од министерството.

Back to top button
Close