Тегнење д’вки
…
Речиси 30 години нѐ држат во гето, нас лепрозните од Западниот Балкан. Те овие имале избори, те оние имале избори, те овој закон донесете го, па ај уште само овој закон, па играјте оро да ви ги укинеме визите, па ај сега само уште името сменете го, ама сега ај и презимето, па долгото име, па краткото име…

Е сега, само уште јазикот. И – за историјата да видиме…
Човече, ѝ прифатија на Бугарија во заклучоците за проширувањето како услов да стои фразата „погрешно толкување на историјата“. Да не веруваш. Што ќе прават сега со политиката на проширување со која нѐ залажуваат со години? Кое тело ќе оценува какво е „точното толкување на историјата“? Секоја од 27-те земји членки ќе направи своја историска комисија што ќе оценува „точно толкување на историјата“. И после сите 27 историски комисии ќе бираат зборови во заедничко соопштение со консезус за историјата? И ај, може ќе најдат консезус за историјата на Македонија. А што ќе прават ако почнат да ги отвараат нивните истории? 27 земји по 27 комисии за секоја земја посебно – ете ти 729 комисии. Од Европска унија ќе станат историска унија.
И зошто ќе го прават тоа? Затоа што Бугарија има избори во март идната година. И затоа што партиите во европска Бугарија во 21 век ќе одат на избори со националистичка карта и ќе ги промовираат вековните аспирации кон Македонија. И затоа што решиле националистичкиот сон што не им се остварил со помош на Хитлер да го остварат 70 години подоцна со помош на цела Европска унија.
Проширувањето, па проширувањето…. Е ајде, де. Проширете се. Тука сме. Ние на непочнати преговори два пати се радувавме. Кажете јасно. Ќе нѐ примите во друштво како Македонци со македонски јазик, или вечно ќе тегнете д’вки* со Бугарија? Подобро бидете чесни кон Македонија и цел Западен Балкан и признајте ни дека имате проблем со проширувањето на ЕУ, отколку да нѐ подлажувате со нова европска перспектива. Оти, веќе немаме капацитет. Преполни сме со европски перспективи
…
Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука






