Лондон и Брисел се надеваат на договор спроти Божик

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен треба да разговара со британскиот премиер Борис Џонсон претпладнево по последната ноќ на пост-брегзит разговори, во надеж дека ќе се постигне договор за идните трговски односи меѓу Велика Британија и Европската унија.

Европски извори велат дека разговорот бил закажан денеска во раните утрински часови и дека може да следи изјава за медиумите. Прес-конференција за постигнат трговски договор на Велика Британија и Европската унија по брегзит најверојатно ќе се одржи денеска претпладне, јави Би-би-си. Медиумот се повикува на извори во Лондон и од Брисел.

Извори од Брисел објавија дека по десет месеци преговори, Велика Британија и Европската унија се близу до договор.

Велика Британија се повлече од членството во ЕУ на 31 јануари, а преодниот рок истекува на 31 декември. Потоа Лондон треба да ги напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија.

Доколку двете страни не постигнат договор, на 1 јануари преку ноќ ќе се воведат царински и други пречки, што би довело до големи нарушувања во трговијата. Доколку се постигне договор, документот ќе биде разгледан и усвоен во парламентите на Велика Британија и ЕУ.

Back to top button
Close