МЗЗПР: Потребен е нов закон за безбедност и здравје при работа

Македонското здружение за заштита при работа смета дека треба да се донесе нов закон за безбедност и здравје при работа кој треба да биде јасен и недвосмислен во практичната примена и притоа да бидат земени предвид мислењата на сите засегнати страни од областа на безбедноста и здравјето при работа.

– Потребен е нов закон за безбедноста и здравје при работа (БЗР), а колку повеќе во работниот процес има работници со повреди или професионални заболувања, ќе има и отсуства од работа, зголемени трошоци и намалена продуктивност. Сето ова негативно се одразува врз работниците, како и на работодавачите и севкупниот економски систем на државата, велат од Здружението.

Оттаму нагласуваат дека ги ставаат на располагање сите свои капацитети и сугерираат процесот на усогласување на примените во законодавството од безбедноста и здравјето при работа да почне што поскоро.

– Сугерираме процесот на прилагодување на промените во БЗР законодавството и неговото усогласување со ЕУ да започне што побрзо, особено ако се имаат предвид новите ризици на работните места кои произлегуваат од Ковид-19 пандемијата. Тоа изискува и ревизија на проценките на ризик на сите работни места каде има опасност од заразување со новиот коронавирус, посочуваат од Здружението.

Сметаат дека идното делување треба да се насочи и кон зајакнување на капацитетите и подигнувањето на свеста за безбедноста и здравјето при работа и кон воспоставување на ефикасни евиденции за повреди и несреќи при работа и професионални заболувања.

– Од економски аспект гледано секој работодавач или инвеститор, својот интерес го гледа во профитот. Но, дури и за остварување на таа цел, единствено заштитен работник може да биде продуктивен, односно само здрав и мотивиран работник може да произведе квалитетен производ или да даде квалитетна услуга. За здрав и мотивиран работник неопходно е работодавачот да преземе превентивни мерки и активности за безбедност и здравје при работа. Мотивиран работник произведува квантитет и дава квалитетни услуги. За да имаме мотивиран работник, работодавачот потребно е истиот соодветно да го награди со плата и други надоместоци кои му следуваат, вклучувајќи го тука процесот на подобрувањето на безбедноста и здравјето при работа. Истовремено, потребна е и директна финансиска помош од страна на државата во стимулирање на превентивниот аспект на БЗР на ниво на компании, истакнува Милан Петковски, претседател на МЗЗПР.

Со цел да даде придонес во подобрувањето на законодавството и превентивата, Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) во соработка со Асоцијација за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика“ и со поддршка од ЕУ неодамна ја издадоа публикацијата „Безбедност и здравје при работа – Мониторинг на состојба“.

Back to top button
Close