Визионери не цветаат по Балканите: Мини Шенген за домашна употреба!?

Вучиќ, бил единствениот од Балканите, море и од Европа и пошироко, кој, за својот “вољени” народ набавил два вида вакцини? Јас сум лично разочаран – очекував три и не знам зошто, откако Трамп го седна на столчето пред каминот во Овалниот, нешто како да “овулирал”, што би рекол другарот Бузле Панта Реи. Не пелтечи повеќе по “китајски”, како да го подзаборавил брат му Пинг.
Рама, зацепил дури во Вашингтон, да се сретне со првиот човек на Фајзер, Алберт Боурла, генерален директор на компанијата. За Албанците (од Албанија!), обезбедил “цепљење!”, веќе од почетокот на јануари 2021! За инат опд Урсула фон ден Лејн, која “обезбедувала вакцини за европјанците, а мислела и на балканците”.

Заев и така не му се меша во “вътрешните” работи на Филипче, ама му се меша на Оливера. Ќе не посетува сите дома за да провери дали сме вденале во саксиите 2 или 3 семки канабис!
-Нашиот став во однос на ова прашање е јасен. Ова нема да биде привилегија само на богатите да инвестираат или слично, целта е да се овозможи на секој граѓанин на пример од две до три стебла под контрола на агенцијата која што е предвидена во самиот закон за сопствена потреба да може да ги користи или пак може да ги делегира на компанија да ги одгледува за него како што и сега се бележи секое стебленце со посебен број со посебна контрола или слично, порача премиерот Заев.
Појасно – здравје, ама мене, навистина, ништо не ми е јасно!
Вучиќ, Рама и Заев, нели, беа промотори на идејата за Мини-Шенген? Нели им ја поддржавме и покрај нескриениот скептицизам по Балканите? Нели рековме – одиме, не е тоа воскреснување на Титовата Југославија, туку некакво предворје за Европа, кога веќе, самата таа, не не сака внатре на богатата трпеза. Лека полека на тоа брашно лоегнуваат и во Босна и Херцеговина (“изизев” иконописецот Додик!), а на Рама “ќе му учинеа” и косовските Албанци.
Од Заев и Филипче слушнавме дека имало некакви писмени и усмени договори, “marrëveshjet”, “споразуми” и “споразумения” Мини – Шенгенот да го истестираме на сегашнава здравствена криза.Подобра промоција на идејата од сегашново злодоба-здравје.Сигурно ќе ни се придружеше и новото црногорско раководство, сеедно што отвора нови поглавија со ЕУ, ако ништо друго, да им “учини” на поповите од СПЦ. Кутрите, тие,во просек, најповеќе настрадаа од Ковидов што не го признаваат.
Ете и дедо Стефан им се спротивстави на анти – ваксерите. Нема “окупљања” за Божиќ! Немаше каде да оди, беше притиснат во тесно, откако колегата му – првиот поп мегу Б,лгарите, прв застана во редот на ваксерите.
Ако некој од балканските политичари (за лидери не може да стане ниту збор) требаше да мисли пошироко и подлабоко, тоа е Еди Рама. Ако ништо друго, поради “единствениот албански културен простор!” на Балканот. Поради косовските Албанци, со кои ги брише границите, поради оние од Црна Гора и, секако, поради македонските Албанци. Формулацијава нема да им се допадне на моите пријатели (и непријатели), ама, таков е редот (и европскиот речник).
Рама, сепаратнмо, се испофали дека вакцината (за територијата до Ќафасан, Свети Наум и Бањишта!) .ја обезбедил “во екстремно тешки услови, поради вртоглавата глобална побарувачка и се уште многу малото производство”. Е, ова не го разбирам: “и по интензивни контакти од сите четири страни!”.
И додека кај нас, надлежните се крстат во КОВАКСОТ, Рама ја осуди „ диференцијацијата на ЕУ кон Балканот по ова прашање“, која, за него, морално, политички и логички е неприфатлива. Тој, во неколку наврати, ја критикуваше ЕУ за дистрибуцијата на вакцини против коронавирусот, велејќи дека Унијата ги оставила земјите од Западен Балкан да чекаат на вакцини се додека земјите-членки не обезбедат доволно за своите граѓани.
Тоа што нашиве не мрднаа потака од Софија, за “вопросот” со вакцината, можеби, има и некое оправдување. Можеби, си велат: а зошто ние толку да се растрчуваме кога кај нас процентот на населението кое не сака да се вакцинира оди накај 60 посто, во исто време, кога, и половината од докторите не сакале да се вакцинираат!?
Во мое време тоа се нарекуваше – пелцување.
Наравоучение: сеуште е голем бројот на “НЕПОЛЦУВАНИТЕ!” мегу нас!!!
Среќна Нова Година!
Веле Митаноски






