Шефовите на дипломатиите на Австрија, Словенија и Чешка викендов во Скопје и Тирана
– Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг викендов ќе ги посети Скопје и Тирана, во обид да ги продолжи напорите на австриската Влада да го забрза процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
-Посебноста на оваа посета е дека министерот Шаленберг ќе патува заедно со неговите колеги од Словенија и Чешка, Анже Логар и Јакуб Кулханек, соопшти МНР на Австрија.
Пред патувањето во Скопје и Тирана, Шаленберг рече дека посетата е јасен сигнал дека Северна Македонија и Албанија, како и сите други земји во регионот, можат да сметаат на поддршката на Австрија.
Тој истакна дека 2020 година е изгубена година за целиот регион и дека неуспехот да се отворат преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија е големо разочарување.
-Оваа година, 2021 година, не смее да се изгуби повторно. Нанесената штета станува се поголема, изјави Шаленберг.
Според него, на Западен Балкан се води борба за модел на живот и предупреди дека ако ЕУ конечно не го исполни ветувањето, тогаш вакуумот ќе го пополнат други држави.
Шаленберг е на пат со неговиот словенечки колега, чија земја ќе го преземе претседателството со ЕУ за половина година на 1 јули и шефот на чешката дипломатија, за кого ова е прва посета на регионот.